ЕУ го подготвува деветтиот пакет санкции против Русија

Европската Унија го подготвува новиот, деветти пакет санкции против Русија како одговор на руските напади врз Украина, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Финска.

Таа не даде детали за тоа какви мерки може да содржи новата рунда санкции на ЕУ, но кажа дека Унијата напорно работи „да ја погоди Русија онаму каде што ја боли за да ги ослаби нејзините воени способности“.

„Затоа можам да објавам дека работиме со полна брзина на деветтиот пакет санкции. Покрај тоа, сигурна сум дека многу брзо ќе успееме да одобриме глобално ограничување на цената на руската нафта, заедно со членовите на групата Г7 и другите големи партнери. Нема да застанеме додека Украина не го надмине Путин и неговата варварска војна“,

рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
Европскиот парламент во средата, 23 ноември, ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот, тврдејќи дека нејзините воени напади врз украински цивилни цели го прекршуваат меѓународното право.