Петровска – Заков: Кога сте НАТО, не сте сами!

Македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот бугарски колега, Драгомир Заков денеска имаа средба во Софија на која порачаа дека новата безбедносна реалност на европскиот континент повикува на сплотеност и соработка меѓу сојузниците за што поцврста колективна безбедност.

„Членството на Северна Македонија во НАТО беше одлука која денес, во изменетата безбедносна архитектура се докажа како визионерска и историска, и беше поддржана од сите земји членки на НАТО. Денес Северна Македонија придонесува за стабилноста и безбедноста, а Република Бугарија на западната граница има сосед кој и е сојузник, сосед со кој заедно ја градат колективната безбедност“, рече Петровска.

Таа истакна дека двете земји веќе соработуваат во многу сегменти на одбраната, но дека постојат многу други можности кои треба да бидат развиени, особено во доменот на резервните сили.

„Бугарските војници беа дел од големите вежби во Северна Македонија во текот на 2019 и 2021 година што се покажа како одличен начин за размена на искуство, но и зголемување на интероперабилноста помеѓу двете армии и во тој контекст упатив и покана за подготовка на заедничка вежба помеѓу двете армии која би се одвивале на тренинг центарот Криволак во Република Северна Македонија, тренинг центар кој се уште се развива, но ги развива своите капацитети за да ги задоволи потребите на Армијата во Република Северна Македонија и да пружи можност и за сојузничките сили. На овој начин всушност покажуваме дека градиме силно сојузништво и ја зацврстуваме регионалната безбедност” – рече министерката Петровска.

Министерот Заков, пак, истакна дека оваа средба е исклучителен знак за тоа дека Бугарија и Северна Македонија како земји членки на НАТО имаат исклучително важна улога во регионот, во поддршка на стабилноста и безбедноста.

Тој порача дека главната задача за нас и идните поколенија е Балканот вклучувајќи го и Западниот Балкан никогаш повеќе да не биде споменуван во негативен контекст.