
Петмина грузиски опозиционери обвинети за повикување на државен удар
Претставникот на обвинителството, Давид Гумберидзе, на прес-конференција изјави дека обвиненијата се однесуваат на повикување на насилна промена на уставниот поредок на Грузија или соборување на државната власт, како и организирање, водење и учество во групно насилство, јавија руските медиуми
Грузиското обвинителство денеска објави дека официјално покренало обвинение против петмина членови на опозицијата за повикување на државен удар и соборување на владата на денот на локалните избори, 4 октомври.
Претставникот на обвинителството, Давид Гумберидзе, на прес-конференција изјави дека обвиненијата се однесуваат на повикување на насилна промена на уставниот поредок на Грузија или соборување на државната власт, како и организирање, водење и учество во групно насилство, јавија руските медиуми.
Грузиското Министерство за внатрешни работи вчера објави дека петмина членови на опозициски партии се уапсени за повикување на државен удар и соборување на владата.
Во соопштението за медиумите се наведува дека за тие кривични дела е пропишана казна затвор до девет години.
„Според доказите добиени од органите за спроведување на законот, како и видеата објавени од медиумите, утврдено е дека за време на митингот на Плоштадот на слободата (во Тбилиси), организаторите повикувале на насилство. Тие се обвинети за повикување на соборување на државната власт, како и за организирање и учество во групно насилство“, се наведува во соопштението, пренесено од руските медиуми.
Митингот на опозицијата во Тбилиси започна во сабота, на денот на локалните избори.
Демонстрантите првично се собраа на Плоштадот на слободата, а некои се движеа кон резиденцијата на претседателот на Грузија, Михаил Кавелашвили.
Демонстрантите ги пробија железните бариери поставени пред резиденцијата, а полицијата за немири ги потисна, користејќи бибер спреј и водени топови.