Перо Антиќ и во наредните четири години ќе раководи со македонската кошарка

Перо Антиќ и во следните четири години ќе ја предводи македонската кошарка. На денешното Изборно собрание, досегашниот предводник на македонската кошарка, доби поддршка од 40 делегати на седницата на највисокото тело на КФСМ одржана во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

„Ви благодарам на сите за укажаната доверба. Ветувам дека ќе работиме уште понапорно во периодот кој што следува. Веќе работиме на тоа да обезбедиме нови спонзори. Верувам дека ќе бидете пријатно изненадени, посебно прволигашите. Конечно, онака како што беше поставено во програмата, конечно ќе има спонзор на првата машка кошаркарска лига. Клубовите ќе бидат ослободени од доста трошоци. Но очекувам дека тоа ќе биде официјализирано за три-четири дена. Уште еднаш голема благодарност до сите“, порача стариот и нов претседател на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ.

Со 40 гласа „за“ од вкупно 41 делегат на денешното Собрание, поранешниот репрезентативец беше реизбран за прв човек на македонската кошарка и ќе биде еден од ретките кои во два мандата биле претседатели на КФСМ. И пред Собранието беше јасно дека нема да има противкандидат поради што постапката заврши многу брзо.

Антиќ е претседател на Кошаркарската федерација од мај 2019 година кога го наследи Петар Наумоски, а и тогаш беше единствен кандидат за претседателската функција.

Пред да биде реизбран Антиќ, Собранието го усвои финансискиот извештај за 2022 година. Констатирани се долгови во висина од над 200.000 евра од клубовите, по основ на котизации, лиценци за странски играчи, казни и закуп на сала. Најголемите приходи се од организацијата на младинските Европски првенства во 2022 година од страна на ФИБА. Од вкупното салдо на КФСМ, вклучувајќи ја и 2021 година, пренесени се 4.686.376 денари или нешто повеќе од 76 илјади евра.