Ван дер Белен пред македонските пратеници: Од вас зависи кога ќе ги почнете следните чекори кон ЕУ

Претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен денеска во македонското Собрание им порача на пратениците дека од нив зависи кога земјава ќе ги почне следните чекори во преговорите со ЕУ и колку брзо тие ќе се поминат.

„За Австрија и за мене е голема чест што можам да ви се обратам во Парламентот. Ова го сметам како знак на почит на извонредните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“ рече Ван дер Белен пред пратениците.

Тој посочи дека двете земји негуваат тесни политички контакти и ги истакна добрите односи на Собранието со австрискиот Парламент.

„Денешното потпишување на договорот на двајцата министри за правда ќе ја интензивира соработката“ – рече Ван дер Белен.

Австрискиот претседател им порача на пратениците дека треба да останат на патот кон Европската Унија и дека не верува оти ќе се повторат разговорите од јули минатата година пред да ги почнеме преговорите. Тој потенцира дека Австрија се залагаше преговорите на Северна Македонија и Албанија конечно да почнат, а многу иницијативи на ЕУ да бидат достапни за двете земји пред формалното членство во Унијата.

Австрија и Северна Македонија, посочи тој, имаат добри стопански односи, но тие мора да бидат уште подобри.

„Се радувам што ме придружуваат претставници на 25 претпријатија од повеќе области, услуги, зелена енергија, земјоделие… тоа го покажува големиот интерес за вашата земја. Онаму каде што ќе ние ќе дојдеме, таму и остануваме“ – рече Ван дер Белен.