Пендаровски: Не можеме само низ успехот на историската комисија да вреднуваме дали некој заслужува да влезе во ЕУ

„Историската комисија е важна, но не можеме да зборуваме за историја и само за историја, и низ успехот на таа историска комисија да вреднуваме дали некој заслужува да влезе во ЕУ. Оттука го поздравувам пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков оти историјата не треба да биде единствен канал на комуникацијата меѓу Скопје и Софија, и очекувам што е можно поскоро, дали овој или другот месец, да влеземе во практична конкретна реализација на тој негов план“. Ова синоќа го изјави вечерва Претседателот Стево Пендаровски во еммисија на ТВ Телма.

„Кај Петков има две компоненти, едната е временскиот рок, што тоа не ме изненади, и втората е околу содржината и јас тоа го поздравив, затоа што првата реченица која новиот бугарски премиер ја кажа, е дека не смееме да разговараме со Северна Македонија само низ тој т.н. историски канал и заговараше формирање работни групи. Мислам дека тоа е одличен пристап, бидејќи ако доаѓа човек кој вели нема да зборуваме само за етничката припадност на Цар Самоил и на Гоце Делчев, туку ќе зборуваме и за многу работи кои ги тангираат нашите граѓани, енергија, инфраструктура, образование, здравство, инвестиции…, тоа според мене е далеку помодерен пристап од она што го гледавме до неодамна со претходната влада. Јас не велам, и Петков не вели дека тие нема да ги штитат бугарските национални интереси, тоа го вели во неколку наврати. Но дајте да разговараме на повеќе полиња и за реалните критериуми според кои се почнуваат преговори и се влегува во ЕУ“ – рече Пендаровски.

Во однос на рокот од шест месеци, што Петков го постави за решавање на прашањето со Скопје, Пендаровски вели оти тоа според него е предолг рок.

„Тој рок е предолг според мене бидејќи овие разговори што ги имавме со Бугарија од 2017 од кога е потпишан билатералниот договор, до денес, а особено оваа година и пол, и не само во историската комисија и надвор од тоа, имавме само две заеднички сесии на двете влади во кои се правеше евалуација на постигнатото во тој договор. Значи, ние разговаравме за многу прашања и мислам нема некое прашање за кое би имало големо изненадување. Проблемот беше во тоа што Бугарија го наметна пристапот само ако историчарите во Комисијата кажат „бива”, тогаш ние може да почнеме преговори“ – смета Пендаровски.