Пендаровски на средба со сер Стјуарт Пич, благодарност за поддршката во македонско-бугарскиот спор

Македонскиот Претседател Стево Пендаровски денеска го прими во Вила Водно сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски изразил задоволство од посетата на специјалниот претставник Пич набрзо по неговото именување на функцијата во декември 2021 година.

Посетата, како што оценил претседателот, е потврда за посветеноста на Обединетото Кралство за одржување на стабилноста и просперитетот на регионот.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста, како и зајакнувањето на институтциите во борбата против организираниот криминал и високата корупција.

На средбата се разговарало и за прашањата поврзани со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Република Бугарија. Претседателот Пендаровски го информираше сер Стјуарт Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлече дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.