Последните сигнали коишто пристигнуваат од Брисел се дека во Унијата сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, на кој меѓу другите точки – на агендата е и спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, пренесува „Дојче веле“.
Доколку Софија остане на блокадата на нацрт-заклучоците за Западен Балкан, Словенија ќе објави список на земјите кој е за, а кој блокира. Софија на состанокот минатата недела инсистирала дека Северна Македонија „не ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите“, став кој не добил поддршка од другите 26 земји членки, ниту од Европската комисија.
Од „DW“ информираат дека опцијата за одвојување на Албанија и Северна Македонија е надвор од игра, бидејќи нема поддршка таквата идеја.
Според дипломатите присутни на разговорите на амбасадорско ниво, Бугарија се буни за повеќе формалности во заклучоците за Северна Македонија. Една проблематична точка за Бугарија е употребата на „долгото име“ – Република Северна Македонија, на што инсистира Софија.
Нацрт-заклучоците на словенечкото претседателство го користат долгото име на сите земји од проширувањето во воведниот дел, потоа во остатокот од текстот се користи краткото име за сите (Северна Македонија, Србија, Албанија, итн.).
Софија сака секаде да стои Република Северна Македонија, што е исто така неприфатливо за мнозинството земји членки. Се очекува краен компромис да биде употребата на долгото име за сите земји и во целиот текст, но не само за Северна Македонија, велат дипломатите.
Информациите се дека крупно барање на Бугарија е да се вметне повторно реченицата за почитувањето на Договорот за пријателство, како експлицитен дел од процесот на проширување за Северна Македонија. Иако билатералните договори се секогаш споменати во овие заклучоци, за мнозинството земји-членки на ЕУ е неприфатливо тоа да биде вклучено како специфичен дел во преговорите за Северна Македонија, бидејќи е голем ризикот со тоа да се создаде преседан и да се билатерализира целиот процес на проширување, што е спротивно на духот на новата методологија за претпристапни преговори на ЕУ.
Софија има проблем и со временската одредница која е вклучена во нацрт- заклучоците. Имено, словенечкото претседателство смета дека во заклучоците треба да стои „преговори со Северна Македонија и Албанија оваа година“.
Министрите за европски прашања утре се очекува да разговараат со цел постигнување компромис за конечните заклучоци пред Самитот на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок. Доколку повторно нема заклучоци и словенечкото претседателство одлучи да поднесе само свои заклучоци со поддршка на одделни земји, Бугарија би можела да биде изолирана ако сите други 26 земји членки на ЕУ се потпишат на заклучоците на претседателството, стои во информациите од „Дојче веле“.