Петков во првото интервју како премиер: Ја зачувуваме позицијата на Р. Бугарија во однос на барањата кон С. Македонија, но ја надградуваме!

Во првото интервју како премиер на Бугарија, Кирил Петков за националната БНТ рече дека „треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме“.

Тој ја продолжи реториката кон Северна Македонија промовирана уште во текот на кампањата најавувајќи зачувување на досегашната бугарска позиција.

На прашање дали може да се очекува промена на бугарската позиција во однос на Македонија, Петков вели:

„Со нашите коалициски партнери јасно дебатиравме и запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас. Ние ја зачувуваме позицијата на Република Бугарија во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. И тука ќе биде новината. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура, заеднички економски чекори… Така што, кога зборуваме за дебата и за решавање на заедничките проблеми – да се фокусираме на добрососедство, на она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други“.

Новиот бугарски премиер најави дека со македонскиот премиер ќе воспостави комуникација во најкус рок и дека тоа ќе е неговиот приоритет.

„Многу време изгубивме досега во изминатите години, така што на министерот за надворешни работи ќе му биде главен приоритет организацијата на овие работни групи за новиот тон што ќе биде многу поконструктивен и ќе почива на заедничките нешта што можеме да ги придобиеме, а не само прашањата што се проблематични, но за тие прашања ние ќе ја држиме бугарската позиција, апсолутно, на ист начин. Едноставно, треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме“ вели Петков за БНТ.