Од денеска струјата по нова цена, почнува и примената на блок тарифите

Цената на електричната енергија од денеска поскапува и почнува да се применува новиот концепт на блок тарифи.

Регулаторите уверуваат дека за 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 проценти. Не се очекуваат ниту рестрикции на струја, иако не очекува тешка зима.

Блок тарифите ќе важат само за скапата струја, а за евтината нема да има блок тарифи и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека доколку не се воведат блок тарифите, цената би се зголемила за 17,74 проценти.

„РКЕ воведе концепт на блок тарифи со цел да им се помогне на најранливите категории на потрошувачи, но да им се помогне и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија и поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот“ – изјави вчера во Охрид претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Тој тврди дека кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.

Опозицијата, пак, смета дека поскапувањето на струјата ќе биде меѓу 17 и 18 проценти. Со новата цена на струјата и новиот тарифен модел, според опозицијата, граѓаните ќе бидат двапати оштетени и ќе горат се што ќе им се најде за да се затоплат оваа зима.

Од Владата не кријат дека не очекува тешка зима, но уверуваат дека рестрикции нема да има. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера од МЕФ Енергетскиот форум во Охрид порача дека се прават сите подготовки од страна на ЕСМ да се зголеми производството на електрична енергија и дека согласно нивниот план веќе е зголемено производството.

Според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, мора да се размислува за градење на капацитети со кои ќе се обезбеди базна енергија бидејќи проблемот со производството на електрична енергија испливал на површина во последниве години на криза.