Израелската разузнавачка агенција Мосад денеска соопшти дека Иран стои зад серијата терористички напади извршени од криминални мрежи против израелските амбасади во Европа од 7 октомври минатата година, кога почна војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.
Мосад и неговите европски колеги започнаа истрага откако во јануари во израелската Амбасада во Стокхолм беше пронајдена експлозивна направа, за која се наведува дека беше рачна граната, и беше уништена од шведскиот национален одред за бомби, јавуваат израелските медиуми.
По испитувањето на осомничените и форензичките докази, истражителите заклучија дека зад нападот стои синџирот за организиран криминал „Фокстрот“ во Шведска и дека работел по налог на Иран, тврди Мосад.
Израел го обвинува лидерот на „Фокстрот“, Рава Маџид, наречен „Курдска лисица“, дека со месеци соработувал со Иран.
Тој беше регрутиран од ирански агенти откако минатиот септември побегна во Иран од Турција од меѓународните и ирачките безбедносни сили.
Тој беше уапсен од Иран и регрутиран да планира серија напади во Европа против еврејски и израелски цели, наведува Мосад.
Во последниве неколку месеци откриени се десетици терористички заговори, поддржани од Иран, против еврејски и израелски цели, наведува израелската безбедносна агенција, додавајќи дека многу од нив се вклучени локални криминални мрежи.
„Иран управува со многу криминални организации во Шведска и во Европа воопшто и ја користи релативната предност на едната над другата, а понекогаш и ривалството меѓу нив“, се наведува во соопштението на израелската безбедносна агенција.
Мосад тврди дека „Фокстрот“ и Румба се директно финансирани од Иран и внимателно следени од европските разузнавачки служби.
Покрај тоа, израелската агенција го обвинува Иран дека се обидува да го искористи растечкиот антисемитизам во Европа, додека избегнува директна одговорност за нападите.