МОН го повлекува спорниот учебник по социологија за втора година

Министерството за образование и наука го повлекува учебникот по социологија за втора година гимназија, за кој јавноста и експертите реагираа дека има повеќе спорни делови, пред сè на дискриминација по разни основи. Од МОН информираат дека за таа намена веќе е формирана стручна комисија.

„Во законски рок од 10 дена, Комисијата треба да го достави предлогот до министерот за образование и наука. Формирањето на комисијата следи по забелешките од јавноста, особено од стручната фела. Со цел отранување на грешките од различна природа и несоодветните содржини во учебниците, креирана е имејл адреса (books@mon.gov.mk), каде може да се испраќат коментари и забелешки за учебниците што се во употреба“, пишува во соопштението од МОН.

Овој учебник е испечатен уште во 2002 година, но долго непроменетата содржина последните години предизвика бурни реакции во јавноста и стручната фела бидејќи во некои делови се омаловажува и дискриминира жената, а некаде беа детектирани етнички предрасуди. Социолозите сметаат дека не само овој, туку и учебниците по социологија за другите учебни години се со несоодветна содржина за возраста за која се наменети.

Социолозите ја поздравуваат одлуката на МОН за повлекување на овој учебник но, велат дека потребно е да се посвети многу поголемо внимание на содржината и да се ревидираат и другите учебници. Од Образование најавуваат дека ќе има и други измени на наставната содржина, а во тек е постапка за набавка на учебници по сите предмети од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои се изготвени нови наставни програми, а согласно планот за реформирање на основното образование.

Авторите Нелко Стојаноски, Зоран Матевски и Милева Ѓуровска посочуваат дека кај Ромите, Албанците и Турците има зголемена стапка на наталитет, заради необразованост, традиционален начин, и затоа се без контрола на раѓањето. Во изминатиот период беа донесени неколку одлуки за повлекување на одобрени учебници, за кои имаше реакции.