Даночна афера ја тресе Германија, затајување данок во износ од 50 милиони евра

Германските обвинители ја пребарале електронската пошта на канцеларот Олаф Шолц како дел од истрагата за корупција на банка во Хамбург, поточно поради затајување данок во износ од 50 милиони евра, објави Телеграф.

Споменатата акција била спроведена уште во март, но јавноста за неа дознала дури вчера. Наводно, во тек е истрага дали политичарите од Хамбург вршеле притисок врз финансиската администрација на градот да се откаже од даночното побарување од повеќе милиони долари против банката ММ Варбург.

Британски Телеграф потсетува дека одлуката за откажување од даночното барање било донесена во 2016 година, откако банката ММ Варбург се вклучила во скандалот CumEx, шема за даночна измама во која неколку германски финансиски институции украле милијарди евра од европските каси.

Во тоа време, градоначалник на Хамбург бил Олаф Шолц, актуелен германски канцелар и лидер на Социјалдемократите (СПД). Тој во неколку наврати се сретнал со косопственикот на споменатата банка, непосредно пред да биде одбиено барањето за плаќање данок, но Шолц тврди дека не се сеќава на деталите од нивниот разговор.

Според информациите кои сега станаа јавни, истражителите кои работат на случајот пронашле повеќе од 200.000 евра во готовина при претрес на просториите на Јоханес Карс, колегата на Шолц во СПД во Хамбург.

Тогаш банката ММ Варбург му дала на Хамбуршкиот СПД донации во износ од 40.000 евра, а Карс бил тој што ги олеснил средбите меѓу менаџерите на банката и најблиските советници на Олаф Шолц.

– Целата работа смрди. Порано или подоцна, јавноста ќе дознае дали дарежливите донации на банката ММ Варбург за СПД во Хамбург и затајувањето данок се навистина поврзани – изјави Торстен Фреј, висок член на централно-десничарската Христијанско-демократска унија.

Штефен Хебестрајт, портпарол на канцеларот, изјави дека не знаел оти обвинителите ја пребарале е-поштата на Шолц.

– Не знам ништо за тоа. Немаме што да криеме – кусо коментира за локалниот весник. Тој исто така додаде дека Шолц не знаел ништо за огромните суми на готовина што неговиот колега ги чувал дома.

Следната недела, Шолца се соочува со вкрстено испрашување од парламентарната комисија во градското собрание на Хамбург, која беше формирана за детално да ја истражи аферата.