Инвазијата на Украина ја турна Европа во најголемата воена криза од крајот на Втората светска војна и докажа дека Путин е подготовен на употреба на сила и оружје со цел да ја редифинира европската безбедносна архитектура. Во судирот со Киев не се одлучува само судбината на Украина, туку и судбината на целосниот европски поредок.
Тоа објаснува и зошто САД и Европа во моментов стравуваат дека нападот врз Украина е можеби само почетен удар и подготовка за далеку посериозна и поамбициозна воена офанзива која би можела да се прошири на замрзнатите конфликти во Грузија и Молдавија, но уште пострашно, преку Белорусија, да ги зафати и Балтичките држави, со огромни ризици по НАТО Алијансата.
Путин подолго време ги користеше замрзнатите конфликти со цел да го прошири влијанието на Москва надвор од руските граници. Во последните три децении го поддржуваше прорускиот режим во молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија. Во 2008 година започна конвенционална инвазија врз Грузија во поддршка на сепаратистичките региони на Абхазија и Јужна Осетија, каде постои бројно руско население. Во 2014-та го анектираше Крим од Украина и започна со поддршка на сепаратистите од Донбас. Сега, после отворената инвазија на Украина се поставува прашањето дали моќната руска воена машинерија ќе биде искористена за проширување на нејзините дејствија?
Русија смета дека поседува право на една историска сфера на влијание и дека нема да дозволи никакво нејзино попречување или прекршување. Станува збор за една пред се културна сфера на влијание и оттука за путиновиот руски етнонационализам делува недозволиво дека Тбилиси или Кишњев би имале право да се определат за западниот либерално-демократски поредок. Главниот страв на Путин лежи во западната културна пенетрација во земјите од руската сфера на влијание, како и дека евентуалната либерално-демократска еманципација на бившите советски републики би можело да ја зарази и руската популација, загрозувајќи го на тој начин и неговиот авторитарен режим.
Од тој аспект, таканаречните „шарени револуции“ кои донесоа прозападни Влади во Грузија и Украина, од Путин беа сфатени како инструменти на Западот со цел да ги оддалечи овие земји од Русија. Впрочем, и оваа воена реакција на Москва, според логиката на Путин претставува еден вид на исправање на грешката од 2014-та кога дозволи протестантите од Мајдан да го соборат неговиот миленик во Киев, прорускиот претседател Јанукович.
Од истите причини Русија уште од раните 90-ти е присутна во молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија, каде обидите да се наметне романскиот јазик беа жестоко спротивставени од мнозинската руска популација. Тој ист концепт – на заштита на руската етнија – потоа му обезбеди на Путин модел за оправдување на своите воени интервенции во Грузија и Украина. Иако Путин не ја призна независноста на Транснистрија, сепак преку хибридни операции успеа во тоа постојано да го ослабнува молдавскиот суверенитет и да ја замрзне нивната европска интеграција во последните 25 години.
Киев, Тбилиси и Кишњев се осудени на слична сива зона или егзистенција во еден вид на ничија земја помеѓу Русија и Западот. Прашањето е дали и отворените и замрзнати конфликти во Грузија и Молдавија ќе останат како такви или ќе добијат свој жешок епилог како и во случајот со Украина?
Но, како што Западот не е подготвен да се бори и умре за Киев, најверојатно нема да биде ни премногу загрижен за судбината на Грузија и Молдавија. Вистинскиот страв на Западот е што доколку конфликтот се пренесе на Балтичките држави, односно, Естонија, Летонија и Литванија. Во овој случај станува збор за членки на НАТО и на ЕУ од 2004-та година, и нивното членство во Алијансата комплетно би го променило актуелното сценарио. Дека загриженоста е на екстремно високо ниво говори и фактот дека Полска и Литванија веќе формално побараа активирање на членот 4 од Договорот на НАТО врз основа на кој „страните ќе се консултираат секој пат, кога според мислењето на една од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на една од страните е загрозена“.
Балтичките земји веќе со недели испраќаат загрижувачки сигнали до Вашингтон и бараа потврдување на заложбите за колективна одбрана. Доколку Путин би се одлучил да ги нападне Балтичките држави, тогаш тоа би претставувало фронтален напад врз НАТО, и уште повеќе напад врз нациите кои имаат свое воено присуство во тие земји. Во таков случај, една од нападнатите земји или сите три, би можеле да побараат активирање на членот 5, како што направија САД после нападот од 11 септември, по што следуваше и НАТО мисијата во Авганистан.
Но, прашањето е дали сите земји би биле согласни за активирање на членот 5? Според членот 5: „страните се согласуваат дека воен напад против една од нив или повеќе од нив во Европа и Северна Америка, ќе се смета како напад насочен врз сите страни, и како последица на тоа се согласни дека доколку еден таков напад се оствари, секоја од страните, преку правото на легитимна одбрана, било индивидуална или колективна, препознаена од членот 51 од Статутот на ООН, ќе и асистира на нападната страна или страни, преземајќи веднаш, индивидуално или во договор со другите страни, дејствија кои ги смета за неопходни, вклучувајќи и употреба на воена сила, со цел враќање и оддржување на стабилноста во регионот на Северниот Атлантик“. Тоа значи дека евентуалната реакција на напад може да биде и индивидуална, а не и нужно колективна, зависно од тоа кој ќе ја оцени како неопходна.
Како и да е, првото соопштение на НАТО каде освен што ја осуди инвазијата на Украина и повика на дијалог, беше да потврди дека посветеноста на членот 5 е железно обложен или „iron-clad”, односно, дека членките на НАТО се обединети во заемна одбрана. Тоа е важно да се потенцира бидејќи иако Украина не е членка на НАТО, јасно е предупредувањето во случај на евентуално проширени дејствија на руската армија.
Тоа се договорените гаранции на НАТО Алијансата, останува во случај на евентуална агресија над НАТО членка да се види како тие гаранции политички би се реализирале. Секогаш постои можноста дека некоја од земјите од Истокот не би сакала одржување или вмешување во тотална војна на своите граници, како што нема гаранции дека поодалечените членки не би можеле еднакво да калкулираат. Во еден таков случај, победата би била на страната на Путин, додека за НАТО тоа би претставувало огромен пораз.