МКЦ ќе добие нов директор – Русе Арсов ја напушта позицијата

Вршителот на должност – директор на ЈУ Младински културен центар (МКЦ), Русе Арсов, соопшти дека се повлекува од функцијата од здравствени причини.

„По три ипол години, премногу љубов, страст и жар –не издржа срце јуначко па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција. Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50 %“ – вели тој во соопштение.

Арсов посочува дека во изминатите 4 години, додека, ги граделе убавите работи и успеси на МКЦ – се дружеле и со Финансиската полиција, јавното обвинителство и разни ревизии, се ваделе документи и се „уништувале животи“.

„И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета! Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам“ – вели директорот Арсов.

Тој упати порака и до неговиот наследник:

„За следниот Директор само да го охрабрам: Не грижи се, МКЦ не е загубар!“.