Кацарска: Со неизбирање уставни судии ќе се наруши уставниот поредок

Претседателката на Уставниот суд – Добрила Кацарска денеска информираше дека Уставот предвидува дека во името на граѓаните треба да одлучуваат девет судии. Сега, Уставниот суд, функционира без една третина од судиите, а од идниот месец ќе се испразни уште едно судиско место, па ќе останат само петмина судии.

Кацарска денеска предупреди дека со неизбирањето на нови судии ќе се предизвика дисбаланс меѓу евентуалниот напад врз уставниот поредок и заштитата на истиот од страна на судот.

„Во име на Уставот и неговото бескомпромисно почитување и штитење барам и апелирам до Собранието да се изберат нови уставни судии затоа што во прашање ќе го доведат легитимитетот на идните одлуки, но секако и квалитетот, а особено довербата на граѓаните во Уставниот суд што следствено значи губење на доверба во правниот систем“ рече Кацарска.

Таа посочи дека „за да има одлука, потребни се најмалку петмина судии, но никој не може да гарантира дека сите петмина ќе бидат едногласни во одлуките, а и не е правило затоа што квалитетните одлуки се засновани врз дебата, различни мислења и толкувања“.

„Сериозна ќе биде состојбата доколку судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно дво-третинско мнозинство, односно шест судии, тоа е случај за имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд. Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав. Полн состав чекаат деловникот за работа на Владата, предмети за слободи и права, закон за ЈО, закон за даноци за моторни возила за данокот за конзуларни претставници, закон за процена, одлука за додатокот на пратениците, ДУП Гостивар, закон за облигациски односи, закон за високо образование“ – информираше Добрила Кацарска.