Мицкоски од Гостивар: Предвремени избори ќе има, порано или подоцна!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски денеска во Гостивар рече дека порано или подоцна – предвремени парламентарни избори ќе има во Македонија.

„Не очекувам дека оваа власт ќе сака да ги напушти дебелите црвени килими, кожните фотелји и привилегиите што ги ужива, не очекувам дека тоа ќе го прифати и дека ќе замине зашто е свесна дека потоа следи одговорност. Но, затоа сме ние опозиција и затоа ја добивме довербата од народот на локалните избори. Порано или подоцна ќе се случат и предвремените парламентарни избори, а потоа следува одговорност за сите погрешни политики во изминатите четири години“ рече Мицкоски

Минатиот петок, Мицкоски имаше средба со лидерот на Беса – Билал Касами и констатираа дека имаат план и стратегија и ќе ги искористат сите методи за да се дојде до предвремени парламентарни избори.

Премиерот и лидер на СДСМ – Димитар Ковачевски, пак, денеска повторно одговори на барањата на опозицијата дека избори ќе има, но во редовниот термин во 2024, а оваа година, порача тој, треба да се фокусираме на справување со предизвиците од кризата.