Мицкоски: Ако Груби е сигурен дека имаат 80 пратеници за уставните измени, нека ја поднесат иницијативата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Илинден на прашањето како ја коментира изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека имаат 80 пратеници за уставните измени посочи дека ако се толку сигурни иницијативата да ја поднесат во парламентот и ќе се види дали имаат или немаат 80 пратеници за уставните измени.

„Одлично супер, нека ги поднесат предлог иницијативата во парламентот и ќе види дали имаат или немаат, зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници. Мислам дека господинот Груби има поинаква намера, но јас му посакувам многу успех во неговата политичка кариера и сепак државниот интерес е пред и над се, тука го вклучувам и личниот интерес, некогаш во животот треба да направите и чекор два назад“ рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека единствено нешто што е за поздравување од страна на власта е што прифатиле јавните претпријатија со водостопанска дејност да добијат повластена цена на електричната енергија, додека другите мерки како што рече тој се гола козметика, и го повика владејачкото мнозинство да ги поддржи предлог мерки на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот кои значат вистинска помош за граѓаните и стопанството.

„Единственото кое што го поздравуваме е што конечно прифатија да сите оние јавни претпријатија кои што се занимаат со водостопанска дејност, тука ги вклучија и пречистителните станици и канализациите итн, да добијат цена на електрична енергија која што ќе биде како што тие ја нарекуваат повластена, откако пред неколку години ги извадија на слободен пазар и ги оставија на милост и немилост на трговците, и тоа директно беше на штета на граѓаните. Тоа е добро и ја поздравувам одлуката тоа што конечно го прифатија зошто ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше и на тој начин ќе се намалат сметките на граѓаните и на стопанството за вода и за услуги кои ги нудат пречистителните станици. Тоа е многу добро и тоа го поддржувам. Но, се останато е гола козметика и веќе видовме дека е гола козметика“ – кажа Мицкоски.