Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.

-Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, истакнува спикерот Митрески.

На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.

-Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис, стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.