Лукашенко: Направивме само една грешка во случајот со Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека „единствената грешка“ што ја направија Русија и Белорусија е „нерешавањето на прашањето (на Украина) во 2014 или 2015 година, кога Украина немаше војска и беше неподготвена“.

Да потсетиме, Русија во 2014 година го нападна и анектираше Крим, додека борците поддржани од Кремљ окупираа дел од територијата во источна Украина.

Коментарите на Лукашенко беа дадени за време на состанокот со шефовите на безбедносните агенции на Комонвелтот на независни држави, кој го сочинуваат поранешните советски земји. Политико пишува дека овие коментари сугерираат дека Лукашенко целосно ја прифатил неговата трансформација во марионета на рускиот претседател Владимир Путин.

Односот на Лукашенко со Путин помина низ различни фази. Меѓутоа, откако Кремљ му помогна на Лукашенко да го реши проблемот со масовните улични протести по претседателските избори во 2020 година, белорускиот претседател му вети апсолутна лојалност на Путин.

Белорусија ѝ помогна на Москва да ја започне својата целосна инвазија на Украина во февруари минатата година, а подоцна се согласи да добие руско нуклеарно оружје на нејзина територија. Лукашенко тврди дека знаел дека Русите ќе извршат инвазија.

„Ако војната не почнеше минатата година, ќе почнеше утре, но со полоши услови за Русија и Белорусија“, додаде тој.

„Единствената грешка што веројатно ја направивме беше тоа што не го решивме ова прашање во 2014-2015 година, кога Украина немаше војска. Сакавме да го решиме по мирен пат. Сепак, тие го искористија овој пат за да развијат вооружени сили подготвени за борба“, заклучи тој.