Кремљ забрани присуство на западните новинари на економски форум во Русија

Официјална Москва објави дека нема да биде дозволено присуство на новинари од „непријателските земји“ на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Форумот во Санкт Петербург се одржува од 1997 година и многу официјални лица го сметаат за одговор на Русија на Светскиот економски форум што се одржа во Давос.

На западните новинари досега не им беше забранет пристапот на форумот на овој начин, пренесува Ројтерс.

„Овој пат навистина беше одлучено да не се акредитираат куќи од непријателски земји“, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Непријателски земји“ е дефиницијата која Москва ја користи за да ги опише оние што ја санкционираа поради војната во Украина.

Организаторите на форумот за московското биро на Ројтерс изјавија дека акредитацијата на нивните новинари била одземена, откако претходно добиле потврда за акредитација во четвртокот.

Ројтерс побара писмено објаснување, но сѐ уште не доби.

Кога Русија беше во подем во 2000-тите, големите западни инвеститори и инвестициски банкари се собраа на форумот, потсетува Ројтерс, додавајќи дека во последните години кинеските и арапските инвеститори ги заменија западните.

Путин претходно изјави дека Русија се врти кон Кина и азиските сили бидејќи Западот започна, како што вели, економска и хибридна војна против Русија, чија цел е да ја распадне земјата.