Деновиве многу се дискутира за „личната” одлука на еден политичар, односно на премиерот. Всушност се дискутира за оставката како свршен чин, како негово апсолутно, неповредливо право на одлучување, како чин на етика и морал; но никој не се осмелува да дискутира за самиот чин. Дали еден политичар, во случајов премиер на држава, една од трите врвни функции за стабилноста на системот; има право на „лична” одлука која не е поврзана со политичкото, туку само со партиското делување?
Прашањето што се наметнува е повеќеслојно и допира неколку сегменти на функционирањето на политиката кај нас. Прво „дали се прави разлика помеѓу државната и партиската функција”? Од одговорот на ова прашање, произлегува постапувањето по вториот сегмент, „како еден политичар го бира кругот на соработници”? И на крајот одговорот на овие две прашања го обликуваат третиот сегмент; односно суштинското прашање за нормалното и ефективно функционирање на било кој политичар: „колку и дали еден политичар има или нема допир со реалноста”? Проблемот на способноста на “стоење цврсто на земја” е секако главен предизвик при обавување на било каква јавна функција. Тој особено доаѓа до израз со зголемување на моќта. Поголемата моќ носи и поголема одговорност, но пред се’ поголема можност за оттуѓување од реалноста.
Проблемот на партократијата, односно апсолутната власт на партијата, под превезот на државата и нејзината системска поставеност, сметам дека претставува еден од клучните елементи на нефункционалноста на општеството, односно допира до сржта, а не појавноста на „заробената држава” на Прибе. Случувањата кај нас, во минатото, но особено сега, кога имаме своевидно разголување на партиите и нивната моќ, односно моќта на круговите и клановите од интерес околу нив; не’ доведува до констатација дека граѓаните повеќе не сакаат да бидат заведени од неодоливоста на моќта и нејзината демонстрација со прилично застарени методи. Како се случи граѓаните да отидат толку многу, во перцепцијата и разбирањето на реалноста, пред политичките чинители; за тие воопшто да не ја разберат нивната порака? Онаа порака што беше наводно примена.
Неможноста да се оддели партиската од јавната функција во свеста на еден политичар, се јавува како клучен проблем при целосното негово обавување на функцијата. Актуелниот пример е само акутен и очигледен, поради последиците што ги произведува, но може да се примени и на многу други, кои секогаш остануваат скриени токму позади партискиот параван, кои умешно „глумат” било каква јавна функција. За партиската логика сосема е сеедно дали си пратеник, министер, градоначалник, па дури имаме и драстични примери на експресно поминување на сите функции во релативно краток временски период. Во таа логика и со тој ум, партијата е таа која ја дава позицијата, која ја креира политиката, која одлучува за се’, па дури и за јавно изговорениот збор и мисла. Па, оттаму можеби бесмисленоста на „пораката на денот” која се повторува низ јавниот простор; од фејсбук постови до изјави и интервјуа на медиуми. Индивидуалноста суспендирана, партијата зборува низ устата на поединецот. Таа потреба од закрила, таа претопеност во партијата, тоа флагрантно суспендирање на уставниот поредок, каде поделбата на властите нема никаква допирна точка со „партиската власт” над уставните власти; целосно го замаглува и дефокусира ставот на носител на висока јавна функција. Па, добиваме истовремено оставка од “двете функции” претседател на партија и претседател на влада. Ама, за општеството и јавниот дискурс има само една функција која е релевантна според законската регулатива и уставна поставеност, која има моќ и надлежност да носи одлуки кои влијаат на сечиј живот. Зошто тогаш нас би не’ засегала партиската функција?
Тој првичен дисбаланс со реалноста, претпоставено има директно влијание на вториот сегмент; изборот на најблиски соработници. Кој е механизмот на избор на најблиски соработници на висока политичка функција, која де факто ги засега сите? Колку и каква улога има самиот систем, кој би требало да биде клучен? Државниот систем, се разбира, не партискиот. Кои се тие луѓе од доверба, кредибилитет и квалитет; и што треба да прават, односно чија доверба да ја заслужат? Им служат на граѓаните, на премиерот, на сопствениот клиентелизам или на некоја партиска контрола, по системот на претопување на партијата со државата. Затоа што првото прашање што се наметнува, во систем на парламентарна демократија, на поделба на властите и јасна процедура на добиен мандат и избрана функција; со кого, се советува при носењето на клучни одлуки? Кои параметри и информации се земаат во предвид? Дали се претпоставени и предвидени сите ризици и последици? Дали е избалансирано во сите области? Кои се информации проследени и проследувани? Афирмативни, критички, поданички, реални? Тоа е прашањето што се наметнува, а уште пострашен е евентуалниот одговор. Кои се луѓето околу еден премиер, околу еден носител на врвна политичка функција?
Реалноста е таа што е. Оној што има моќ, влијае на нејзиното креирање. За да се управува со еден систем, потребно е во секој момент точно да се знае која е неговата реална состојба. Каква е реалноста. Па, ако пропагандата која официјално се нарекува ПР има задача да ја разубави, смени или избегне; одговорна функција подразбира разбирање на реалноста во секој момент, токму таква каква што е; а не таква каква што ПР-от сака да ја прикаже. Белким, креаторите на таа лажна реалност, на таа перцепција, не веруваат во неа самите? Но, динамиката, концентрацијата и сериозноста на висока јавна функција е толку драстична и непоимлива за обичниот човек, што од клучно значење е контакт со реалноста на дневна основа. Онаква каква што е, а не таква каква што ја прикажуваат. И токму тоа е оската на прекршување, кое сите причини ги прави неизбежни кобни последици. Ако, не се одвои партијата од државата, ќе се остане роб на затворен систем на размислување; тој затворен систем, да не речам заробен, ќе бара подобни соработници кои контролираат, а не советуваат и помагаат, за на крајот исходот да биде поразителен, ама логичен; целосно неразбирање на реалноста и процесите, до степен на емотивна одлука, токму таму каде што нема место за емоции: јавниот, општиот; а не личниот и партискиот интерес.
Затоа на прашањето дали еден политичар има право на лична одлука мотивирана од партиска логика, одговорот би бил апсолутно не. Својата лична одлука, ја донел во момент кога ја прифатил функцијата и нејзиното ограничено со мандат, но и закон, траење и постапување. Од тој момент тој е во служба на граѓаните, и за него јавното е секогаш пред личното. Тоа сите го прават на доброволна основа, свесни за одговорноста. Демонстрацијата на превземање на одговорност се подразбира сама од себе и се однесува на целокупното обавување на функцијата, а не на претпоставена оставка, кога наеднаш сите се сеќаваат на моралот и етиката, кои би требало да се секако присутни. Свеста за одговорноста не е кон партијата, туку кон државата. Но, за тоа ни треба држава ослободена од партијата, прави луѓе на прави места, јасна свест за улогата и последиците од постапувањето и непостапувањето. Само тогаш реалноста на функционерот ќе кореспондира со вистинската реалност, и нема да биде изненаден од неа. Затоа што, во животот, енергијата ја добивате или губите од сопственото опкружување. Каков „круг” ќе поставите околу себе, таков исход ќе добиете.