Аргентинската фудбалска ѕвезда, играчот кој во моментов ги брани боите на француски ПСЖ – Лионел Меси синоќа по седми пат ја освои најважната индивидуална фудбалска награда – „Златна топка“. Главна конкуренција му беа Роберт Левандовски (Баерн Минхен) и Карим Бензема (Реал Мадрид).
Минатата година, поради пандемијата на Ковид 19, наградата која ја доделува „Франс фудбал“ беше откажана.
Меси до престижната награда стигна и во 2019 година, а зад него, со 5 освоени „златни топки“ е Португалецот, Кристијано Роналдо.
Аргентинскиот ас изјави дека е горд на рекордот.
„Навистина сум горд што уште еднаш ја освоив „Златната топка“ на „Франс фудбал“. Чувството да се освои оваа награда по седми пат е неверојатно. Сакам да им се заблагодарам на моето семејство, пријателите и на сите, кои насекаде ме следат и ме поддржуваат, бидејќи без нив ова немаше да го постигнам. Не знам уште колку години ми преостануваат да играм фудбал, но се надевам дека ќе бидат уште многу, бидејќи многу се забавувам“ рече 34-годишниот фудбалер.