Ленче Карпузовска: ЕВН Хоме ќе ги искористи сите можности за да ги обезбеди целосно потребните количини за своите потрошувачи

Ленче Карпузовска – менаџер за комуникации во ЕВН Македонија во интервју за порталот „Пари“ вели дека секојдневно расте бројот на компании кои тие почнуваат да ги снабдуваат со електрична енергија бидејќи трговци им ги откажуваат договорите.

„ЕВН Хоме во рамките на своите законски надлежности во наредниот период се до започнување на испораката за 2022 година, ќе ги искористи сите можности за да ги обезбеди целосно потребните количини за своите потрошувачи. ЕВН Хоме очекува (како што беше и досега) АД ЕСМ и понатаму да ги исполнува своите обврски согласно склучените купопродажни Договори за испорака на електрична енергија за потребите на Универзалниот снабдувач” – вели Карпузовска.

Таа напомена дека копачите на криптовалути и дивите приклучоци сериозно го нарушуваат снабдувањето со електрична енергија. На прашање што го предизвикува растот на цената на енергијата на глобално ниво, Карпузовска вели:

„Начинот на производство на електричната енергија е дел од долгорочниот план на европските земји кои целат кон нула емисии до 2050г. како дел од „Зелениот договор“. Овие земји се свртени кон производство на електрична енергија од обновливи извори, а со тоа ќе придонесат на светската климатска акција за да се избегне иднина на опасни климатски промени. На што се должи овој скок во цената за електрична енергија во Европа? Според The еconomist, се работи за клучните фактори за производство на електрична енергија – недостиг во снабдувањето со природен гас и недостиг во производство на електрична енергија од ветерна енергија“.

За најавите дека цената на електричната енергија ќе биде многу повисока по Нова Година:

„Одлуката за цената ќе ја донесат надлежните државни институции и РКЕ. Прелиминарни пресметки за цената на електричната енергија во наредниот период не можат да се направат без да се знаат влезните параметри/цени како што се: цената по која ќе се набави електрична енергија од АД ЕСМ, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, односно дали сите тие цени ќе претрпат измени“ вели Карпозовска.