„Лев Тахор“: Непотребно се создава омраза против нас!

Членови на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ кои моментно се сместени во хотелот „Прага“ во охридското село Горно Лакочереј сметаат дека непотребно се создава омраза против нив, отфрлајќи ги како лаги и шпекулации тврдењата за нивните активности во местата каде привремено престојуваат. Тие денеска истакнаа дека Северна Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство.

„Тука сме туристички за да посетиме некои еврејски објекти, синагоги, да посетиме роднини, гробови на наши претци. Немаме планови да бараме никаков постојан престој, тука сме привремено, имаме дозвола од тримесечен престој, а немаме намера да останеме тука повеќе од еден месец“ – рече денеска една од припадничките на религиозната група.

За реакциите на локалното население, таа забележува дека непотребно се создава некаква омраза против нив, им се ускратува нивното право слободно да патуваат, да ги посетат местата за кои се и дојдени тука.

„Со се она што се случува, реакциите, ние сме се уште во потрага по место каде ќе можеме да се сместиме и да можеме пристојно да престојуваме, и во крајна линија да го направиме она за што сме тука, да ги посетиме местата од интерес. Трошиме средства, бараме место каде да се сместиме, без да ни се даде можност да се фокусираме на она за што сме тука. На овој начин нема да можеме да посетиме ниту едно место заради кое впрочем сме дојдени тука“ – вели таа.

Категорично исклучува тврдења и обвинувања дека се шпиуни, уште помалку терористи.

„Луѓето непотребно се агресивни кон нас. Не бевме протерани од БиХ, тоа се само медиумски шпекулации, наш избор беше да заминеме оттаму согласно плановите, за потоа да дојдеме тука. Моментално немаме постојан престој, во потрага сме по земја каде ќе ни биде дозволено да ги практикуваме нашите човечки права и религиозни слободи, како што е запишано и во библијата. Во меѓувреме транзитираме, не знаеме кога тоа ќе се случи, но засега немаме планови за постојана дестинација“ вели припадничката на групата.

Сепак, жителите на селото Горно Лакочереј се мобилизираат и најавија протест поради присуството на припадниците на „Лев Тахор“ во хотелот „Прага“, со барање тие да си заминат поради наводни стравувања за безбедноста на нивните деца.

Од МВР официјално беше соопштено дека членовите на групата имаат легални патни исправи и одобрен привремен престој во Македонија.

„Групата не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“ – соопштија од МВР.