Мирен протест – се бара слобода за битолчанецот што го уби поранешниот зет

Пред Основниот Суд во Битола денеска група битолчани побараа да излезе од притвор 62-годишниот нивни сограѓанин Тони Ѓоргиевски-Фердо за кого се води истрага поради убиството на Стојанче Соколов (44), негов поранешен зет за ќерка.

Ѓоргиевски е притворен откако пред неколку дена со во својот дом пукал кон Соколов, кој, пак, според полициските информации, со мачета се заканувал на семејството Ѓоргиевски.

Според учесниците на протестот убиството е извршено со цел да се заштити семејството на битолчанецот.

Соколов и бил познат на полицијата како прекршител на закони, а наводно 20 години ги малтретирал семејство Ѓоргиевски.

Пред да се случи убиството, Јове Ѓоргиевски, син на притворениот Тони вели дека Стојанче и се заканувал на неговата сестра, која заедно со двете деца утрото побегнала кај својот татко.

Учесниците на протестот побараа институциите да му дозволат на Тони Ѓоргиевски да се брани од слобода.

Според Обвинителството, осомничениот за убиството на 21. феавруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка.

Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „Бајкал” што го поседувал со дозвола.

Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место.