Ковачевски разговараше со украинскиот колега: Ја имате нашата поддршка!

Македонскиот премиер – Димитар Ковачевски телефонски разговараше со украинскиот колега – Денис Шмигаљ. Ковачевски му ја изрази поддршката на С. Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Како што се наведува во соопштението од прес-службата на владата, премиерот Ковачевски порачал дека земјава ја осудува одлуката на Русија за признавање на украинските региони Доњецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

„Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право“ – се додава во соопштението.

Ковачевски на Шмигаљ му пренел дека С. Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

„Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки“ – се нагласува во соопштението.