Лазаров и Миркуловски едногласни: Имавме безброј грешки, разочарани сме!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по вечерашниот пораз од Црна Гора на Европското првенство (28-24) рече дека истиот се темели на големиот број технички грешки во нашите редови.

„Направивме толку многу грешки, што не можевме ниту да ги изброиме. Едноставно сè се случуваше како на филм. Играчи, кои играат во силни клубови, кои имаат клучни улоги не смеат да си дозволат такво нешто. Без разлика дали е добра стратегијата или не, или си играч или не, тоа го решаваш на терен. Ние сме тука да ги подготвиме, но играчите се тие што одлучуваат на самиот терен. Кај дојде до една психолошка блокада, каде што бевме речиси немоќни. Очигледно е дека имаше голем притисок кај играчите, откако работата не тргна на добро. Евидентно е дека треба да учиме уште многу. Црногорците подобро се приспособија од нас, а ние игравме брзоплето“ рече Лазаров.

„Без срце и душа на теренот не се победува“ беше коментарот на искусниот плејмејкер Филип Миркуловски.

„Разочарани сме многу. Поквалитетни сме од Црна Гора, но тоа како и секогаш мора да се докаже на терен. Фаворитите не секогаш победуваат. Се подготвувавме добро, трениравме напорно, но има нешто што не се тренира – тоа е душа и срце. Сепак, тоа ние вечерва го немавме, и затоа ми е најмногу жал. Да загубевме во борба немаше толку да жалам“ рече Миркуловски.