Лавини во Австрија, осуммина загинати!

За два дена, вчера и денеска, во Австрија 8 лица ги загубија животите во три одделни лавини во северниот дел на земјата.

Според официјални извори, четворица Швеѓани и нивниот локален водич загинаа во петокот во провинцијата Тирол. Тие се движеле надвор од стазата придружувани од планински водич кога над нив почнала да паѓа снежна лавина широка 400 метри.

Еден член од групата бил само делумно затрупан од снегот, па успеал да му се јави на својот пријател во Шведска на мобилниот телефон. Човекот информирал лице кое исто така патувало со групата, но тој ден не се приклучил на турнејата. Веднаш биле известени спасувачките служби, а 42-годишниот Швеѓанец преживеал.

Властите денеска соопштија дека уште едно лице загинало во лавина на планината Кнеделкопф во провинцијата Ворарлберг. Снегот го затрупал додека тој со група се движел надвор од подготвените планински стази.

Иако другите од групата успеале брзо да го извлечат од снегот и веднаш почнале со реанимација, мажот починал. Полицијата се уште не известила за неговото потекло.

Во третата лавина загинаа две лица на возраст од 60 и 61 година. Тие беа пронајдени мртви нешто по полноќ во Вилдшенау, Тирол.