Колумнистката на порталот „Трилинг“ – Никица Корубин го презентира своето видување за денешната средба на премиерот на Бугарија, Петков со македонскиот претседател на Владата – Ковачевски:
„Се чини дека почнуваме да го спроведуваме договорот со Бугарија или барем покажуваме добра намера. А, и конечно го дознавме одговорот на барем едно прашање од сетот 5+1 кој веќе е 4+1, ама тоа не е привлечен наслов за медиумите, кој речиси се разочарани што не успеа да го натераат бугарскиот премиер да даде „погрешна” изјава за врвното прашање на „чуварите на идентитетот и јазикот”.
Па, дали тие чувари, како добри познавачи на историјата, воопшто го разбираат решението на првата точка, краткото име Северна Македонија, на линија на немешање во внатрешните работи на друга држава и особено „територијални претензии” колку апсурдно и да звучи. Иако, ова прашање беше затворено со Преспанскиот договор, сега е затворено и за Бугарија, бидејќи Северна Македонија, освен што е дел од сегашноста во контекст на нашата држава, е дел и од минатото.
Кога веќе сме на линија на немешање во внатрешните работи, добро е да се потсетиме и на членот 49 од нашиот Устав, за да се прави елементарна разлика помеѓу термините малцинство и дијаспора; пред да се занесеме во наводната одбрана на „нашите” и фамозниот самоизмислен „реципроцитет”, како последна одбрана да се закочи и упропасти и овој обид за решение.
Ќе најдеме ние мана и на ова, но до тогаш, добро е да има барем малку разум и од наша страна. Денешниот ден е сепак разумен и ветува некакво поместување. Иако, денот не е завршен, не се знае кој се’ ќе истапи драматично да го брани „идентитетот, јазикот и најново малцинствата”.
Во пресрет на нова „одбрана од самите себе”, не е лошо да си повториме дека, ние бараме членство во ЕУ, што за нас и состојбата во која се наоѓаме, има тежина на опстанок.
Цивилизациски опстанок се разбира“ – пишува Корубин на ФБ.