Комуникологот Бојан Кордалов за порталот „Трилинг“ смета дека проблемите и поделбите се толку големи во нашето општество што идниот премиер мора не само да обединува во својата партија, туку да обединува и во својата коалиција, но и да знае како да ја вклучи и опозицијата во сите клучни процеси.
„Денес проблем или страв број еден кај секого се растот на цените, дали ќе има електрична енергија и по која цена ќе ја плаќаме, дали секој ќе може да ги плаќа редовно сметките и ратите за кредити… Апелирам брзо да се бара решенија на овие теми, но и да се води инклузивна и транспарентна комуникација со медиумите и граѓаните за справувањето со овие проблеми“ потенцира Кордалов.
Навистина важен политички викенд во Македонија бидејќи двете најголеми политички партии избираа свој прв човек. Велам важни бидејќи токму од изборот на прв човек во владејачката и опозициската партија зависи во кој правец ќе се движи Македонија во следниот период. Како ретко кога имаме бурна политичка сцена, тесно парламентарно мнозинство во континуитет и се соочуваме со многу политички предизвици.
Како личност и комуниколог апсолутно сметам дека ваква „комплицирана“ политичка состојба е позитивна и за граѓаните и за македонската демократија. Бидејќи политичарите мора да ја заборават фразата „дајте ми 61 пратеник за да можам да владеам“ и тие мора да разберат конечно дека второ име на политиката е компромис. Односно дека барањата од било која опозицијата или другите помали партии упатени до власта не се уцени, туку преговори со цел изнаоѓање на решение кое ќе ги опфаќа различните целни групи кои гласале за определена политичка структура.
ПОДЕЛБИТЕ НА „МОИ“ И „ТВОИ“ ГО ЕРОТИРААТ СИСТЕМОТ НА ВРЕДНОСТИ
Истовремено, се надевам дека политичките партии ја научија лекцијата дека мора да ги слушаат граѓаните секој ден, а не само за време на предизборна кампања и на изборниот ден. Граѓаните гласно бараат решавање на проблемите со кои се соочуваат, а тие се огромни и натрупани со децении. Граѓаните сакаат да видат вредносен систем на управување, нормална комуникација помеѓу партиите, но и на политичарите со граѓаните и медиуми, еднаквост и вклученост на сите во процесите на одлучување, наместо само на привилегирани или поделби на „мои“ и „твои“.
Потсетувам дека според сите истражувања на јавното мислење, теми кои предизвикуваат континуирано најголема загриженост помеѓу сите граѓани се економијата, невработеноста, ниските примања и другите егзистенцијални предизвици. Денес проблем или страв број еден кај секого се растот на цените, дали ќе има електрична енергија и по која цена ќе ја плаќаме, дали секој ќе може да ги плаќа редовно сметките и ратите за кредити… Апелирам брзо да се бара решенија на овие теми, но и да се води инклузивна и транспарентна комуникација со медиумите и граѓаните за справувањето со овие проблеми.
КОМПЕТЕНТНИ ЛИЧНОСТИ, А НЕ ПАРТИСКИ ПОСЛУШНИЦИ ЗА МИНИСТРИ
Во однос на тоа кој ќе ја преземе премиерската функција апсолутно би се повикал на очекувањата на граѓаните сега и во иднина тоа да бидат личности кои ќе уживаат поддршка меѓу луѓето, но и ќе почнат бескомпромисно да ја враќаат урнисаната доверба во политиката и институциите. Едноставно, крајно време е да ставиме акцент на тоа вистинските, стручните луѓе да седнат во министерските и другите функционерски фотелји, наместо како што е децениска пракса досега, во голем дел тоа да бидат личности за кои е важно да бидат само згрижени со функционерски плати и привилегии.
Потенцирам дека проблемите и поделбите се толку големи во нашето општество што идниот премиер мора не само да обединува во својата партија, туку да обединува и во својата коалиција, но и да знае како да ја вклучи и опозицијата во сите клучни процеси. Неопходен ни е континуитет, долгорочни добри политики кои го надминуваат мандатот на една, па и две влади предводени од различни политички субјекти. И секако, конечно расчистување со лошиот политички вокабулар и недоличните зборови кои меѓу себе ги користат партиите, но и прес службите на релација власт – опозиција.