Колумна на проф. Ана Чупеска: ПАРАСУДЕН СИСТЕМ

Уште пред да се отелотвори како 3та, независна власт, судството од неговите пра-почетоци, овде, во земјава е во состојба осудена на парасудна состојба. Наместо правосуден систем, го именувам како п а р а с у д е н систем (нешто како „пара” формација, ама и осудена од самата себе истовремено. Може и поповршно да се толкува оваа кованица: на пр, како систем придвижуван од парични драјвови. Whatever).

Не е битна кованицата, битна е поентата. А тоа е дека местото на судството во системот на поделбата на власта, дефинитивно му е дислоцирано надвор од корпусот на кочниците и рамнотежата; скроз изместено и не се знае, ни каде е, а богами, веќе, ни што тоа е. Затоа за мене е парасудно тоа „нешто”.

Воспоставените методи од груевизмот преку „тефтерчињата на Горде”, прво, ја парализираа целосно поделбата на власта претварајќи го правосудството во единица мерка за успешно потчинувањето кон извршната власт, поточно, единица мерка за негова очигледна тенденција да се соеднини со егзекутивата; наместо да ја одржува поделбата на власта!

Потем, може да се потсетиме, на лажните дипломи за познавање на англиски јазик што беа поднесени баш од идните надежни обвинители и судии…Одговараше некој…не! Кажа некој кои се тие ? …не! Му фалеше влакно на некој? Не!

Или, судија сам си преправал оценки и си издал лажно уверение за да исполни услов за академија!? И си седи и си ќути….и не само што не планира да се исели некаде подалеку од срам…нема намера ни да си даде оставка …Господе Боже!!!

И кој го воспоствува редот, интегритетот во судството?.

Мегапопулариот Судски совет!?!?…Најсмешниот од сите!!

Дури и обвинителите сами си избраа шеф на ОЈО ГОКК – кој ни они самите не го познаваат!!

Така што ова со М-НАВ е само капка во океанот наречен правосуден циркуз кој ми текнува „на прва”; да не навлагам во оние циркузантски жонглирања со предмети; па нивно застарување; па оние акробации на Јово Превара – кловнот – во улога на претседател на Врховен…Или, да не зборам за доверливоста, чесноста, моралот и интегритетот, кои, за жал во овој циркуз се на ниво на статистичка грешка.

Но, како што Мали Ѓокица ја разбира независноста на судската власт така правосудството си разви и свој сопствен ситем на парасудна власт со специфични каратеристики, кои, најпрво ги устоличи груевизмот, а последователното негово неказнување ги охрабри парасудните инстанци да си роварат до миле воље – и кој – колку му се може.

Кај груевизмот, тоа се одвиваше преку практикувањето на т.е. авторитарен процедурализам и соединување со егзекутивата, па, денес се чини дека овој чир својата уставна независност ја разбира во апсолутни термини (на ниво на божества; пардон – само обожувачки тотеми). И тоа, подразбира целосно отсуство на широчина, која ја развива илузијата на легалност, без легитимитет, т.е. на авторитарниот процедурализам.

Преку ваквиот парасуден ракурс формално почитување на правните регули ги контролира/оправдува своите драматично недемократски пракси, со што се одзема можноста за субстантивна правда. Позната е флоскулата дека „Се е во согласност со законите” но, исто така познато е дека законите овдека ја подразбираат и таа една невидлива спрега и инсталација која неуморно демне над # некои судии или парасудни инстанци – се уште под нивна контрола се, мили мои Другарчиња.

Процедурите кои се гаранција за фер постапка и за доаѓање до правдата се уште не постојат во полн уставен капацитет, или, уште полошо, не ретко, служат за прикривање на волјата на структури од кои дерман немаме.

Со тоа, во земјава, всушност е воведен и систем на двојна реалност: Една, каде луѓето живеат подведени под вољата и (авто)репресијата на инстанците невидливи со голо око (но, сепак видливи и звучни имиња, се тоа), и втората реалност, која настојува да ги одржи во живот тие поштени луѓе кои не се малку, a работат во правосудството заедно со бранителите на човековите права – исто така, секојдневно сатанизирани од истите тие психопатски и крими фашистички инстанци.

Ако во груевизмот ги имавме истурените политики на окупираниот правосуден систем и тенденциозното судско изрекување казни, сега, точно е дека таквите постапки ги има, фала богу, снемано. Но, како некој side effect, во неказнивоста, заедно сосе казните и судство се загуби – како такво! Од крајност во крајност се динамизира тој социјално-политички ентитет наречен во Уставот: право-судство!

Со други зборови, тогашното груевистичкото судство меѓудругите деформации што ги имаше, послужи и како посредник во казнувањето и ширењето атмосфера на страв и потчинетост во корист на владејачката партија. Во пост-груевизмот, денес, оно е во состојба на спротивна крајност; без грам одговорност, без себе.

Затоа, и нема начин некој да го убеди поштениот свет овде дека ветингот не е адекватен захват, и дека системот на заштита и гаранција на човековите права, опфатен со македонскиот Устав е операционализиран низ правосудниот систем. Такво нешто е fatamorgana, која сепак, неуморните правдољубци ја држат барем жива како идеја. И што да кажам повеќе од тоа дека ветингот во ваква една состојба би бил еден елементарен минимум и ништо повеќе од тоа. Но, и за тој минимум, мили мои, исто како и за уставните измени, потребен е консензус. Ќе го дочекаме ли тој ден, ever?