Колумна на Мирослав Драганов: 2070 година е сега – прв чин

Ајде честитки! Токму денеска, по 50-ти пат по ред, започнува годишниот светски собир во Давос, Швајцарија. Овој пат тој се одржува на далечина (online), а темата е „Работиме заедно, враќајќи ја довербата“, секако во организација на Светскиот економски форум. Некој сето тоа го започнал, го визионирал пред 50 години и сè уште овој голем настан се одржува и надградува.

Изминатава година пак, кога како шејпери ќе кажевме дека сме создале и објавиле визии за Македонија до 2070 година, често добивавме прашања: „Па нели е тоа утопија? Па со тоа не може да се поврзат повозрасните, туку само младите. Ние не знаеме што ќе правиме викендов, а вие сонувате за 50 години отсега…“  Има и други прашања, но добро, во ред. Досега јавно објаснувавме што е концептот и за почеток барем успеавме да им влијаеме на голем број политичари во своите настапи да почнат прилично често да го употребуваат поимот „визија“ (а колку навистина го разбираат, тоа е друга тема). Еве сега е време тој концепт да го прикажеме и овде во многу поедноставно и подиректно издание. Идејата е секој што ќе ја прочита оваа колумна да може да разбере зашто 2070 година е сега, кои се тие 176 визии за Македонија, врз основа на кои вредности се засноваат и како може да го мериме нивното одржливо влијание!? Пред да нурнеме во нив, да се потсетиме дека главната нишка водилка на сите визии е да бидеме во најдобрите 5% од целиот свет!

За таа цел ќе изберам 5 поударни јавни настани во македонското општество што се случија од почетокот на годинава, ќе ги сместам во една од 16 категориите во Водичот, па согласно вредностите и општите индикатори (параметри) во него, ајде заедно да процениме кој од нив нè приближува до остварување на соодветната визија, а кој нè одалечува. Подготвени?

  1. Настан: Жителите на Скопје немаа парно греење, а локалната и централната власт си ја префрлаа топката. (категорија: Благосостојба и животен стандард)

*Визија: Македонија е земја со висок квалитет на живот. (страница 15)

*Пет вредности: Човечко достоинство (главна), сигурност, предвидливост, одржливост, хуманизам.

*Осум општи индикатори од кои еден: Перцепција од граѓаните во Македонија за нивото на квалитет на живот, по критериуми.

  1. Настан: Неколку денови Скопје беше меѓу трите најзагадени градови во светот. (категорија: Добросостојба на животната средина)

*Визија: Во Македонија граѓаните дишат чист воздух. (страница 22)

*Три вредности: Човечко достоинство (главна), пристапност, грижа.

*Шест општи индикатори од кои еден: Рангирање на квалитетот на воздухот во Македонија во однос на Европа и светот.

  1. Настан: Сегашниот нов бран на пандемијата ги принуди речиси сите граѓани да го користат приватното здравство. (категорија: Здравство)

*Визија: Македонија е земја во која што цените за добивање здравствени услуги се достапни за секој граѓанин. (страница 67)

*Три вредности: Солидарност (главна), достапност, пристапност, одговорност.

*Пет општи индикатори од кои еден: Вредност и процент (%) од приходите на лицата/домаќинствата наменети за здравствени услуги.

  1. Настан: Мене ми започна осумнаесет месечниот мандат како еден од 11 највлијателни шејпери избран во Impact Council (Советот за одржливо влијание) при Глобалната заедница на шејпери – иницијатива на Светскиот економски форум со седиште во Женева. (категорија: Образование, наука, истражување и иновации)

*Визија: Македонија е земја на препознатливи ментори од светски рамки. (страница 87)

*Седум вредности: Самоодржливост (главна), развој, менторство, одржливост, солидарност, доследност, препознатливост.

*Осум општи индикатори од кои еден: Број, процент (%) и видови учесници во менторски активности (пример: по држави, по години итн.).

  1. Настан: Навивачите се светла точка при настапите на машката ракометната репрезентација на Македонија на Европското Првенство 2022 во Унгарија и Словачка. (категорија: Спорт, забава и рекреација)

*Визија: Македонија е земја која што е препознаена по спортски дух и спортски настани од меѓународно ниво. (страница 159)

*Три вредности: Самоодржливост (главна), препознатливост, соработка.

*Шест општи индикатори од кои еден: Број, процент (%) и посетеност на спортски настани од меѓународно ниво (по категории).

Ете, овие 5 настани и визиите во кои се вклопуват, нека посведочат јавно дека 2070 година е сега! Само „играчите“ кои имаат каква било улога во нивно обликување, нека се освестат што поскоро бидејќи македонското општество нема време за чекање до 2070 година. Видливо е дека на многу полиња заостануваме, а треба да престигнеме! Па зошто еден ден и ние да немаме наши државници – говорници на Давос (и да им се слуша гласот на далеку), како што годинава тоа се државниците од десетина влијателни земји.  А дотогоаш, ајде да ги прочитаме детално сите 176 визии сега и ТУКА (кликни на линкот)! Ајде што поскоро заеднички да дефинираме уште повеќе посебни индикатори во рамките на овие општите. Така, ајде уште отсега заеднички да го мериме одржливото влијание и напредокот, да работиме и да му се радуваме на придвижувањето до најдобрите 5% во сите категории до 2070 година! Ние шејперите веќе тргнавме и за една година одлично напредувавме.  Зарем не сакате да ни се придружите во обелувањето на нашиот колективен образ низ светот? Сега, бидејќи ќе дојде време за вториот чин побрзо отколку што многумина мислат.

Мирослав Драганов

Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions