Ковачевски: Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот, за тоа единствено ќе работиме

„Ви благодарам за дводневната дебата. Внимателно ве слушав и ви благодарам за поддршката, но и за критиките. Собранието е основното место каде треба да се дебатираат политиките, се презентираат аргументите и се наоѓаат решенијата. Искрено верувам дека опозицијата ќе биде конструктивна и ќе ги соработува во интерес на носење на најдобрите одлуки во интерес на граѓаните.

Сосема на кратко. Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин. Најавив и цврсто остануваме на нашиот модел за ефикасно управување и транспарентно, фокусирано и базирано на резултати.

Со работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите.

Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски Премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност.

Веднаш потоа, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции.

Секој министер во својот ресор и целата Влада, имаат јасен и прецизен План за реализирање на поднесената Програма, со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.

Најавив и нудам модел на партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа и консензус за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме, и бараме сите да ни се приклучите да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси на страна бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните.

Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје, мир и спокојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите.

Доаѓа ново време, доаѓа подобро време.

Да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!“ рече новиот премиер Димитар Ковачевски непосредно пред гласањето за нова Влада во Собранието.