Колумна на Мирослав Драганов: Не е до џипот

Длабоко сочувство до семејството на Викторија од Радовиш, но и сочувство до целото наше општество. Еве 5 вистински примери од годиниве кои ќе ви доловат подетално зашто изразувам сочуство до целото наше македонско општество.

  1. По принципот на народната „Теле се учи, а вол и крава не се учат така лесно на работа и промени“, тврдам дека е погрешен фокусот за приоритетни рефоми на институциите, на правосудството, на системот, на повозрасните… Корупцијата и погрешните приоритети не започнуваат и не се учат таму, туку во дискотеките! Да да, токму таму. Додека нашите тинејџери и адолесценти се енергични, но кревки, ноќниот живот ги обликува во „систем“. Тој систем директно или индиректно ги насочува да се обидуваат да го дознаат директно менаџерот на дискотеката, вратарот (батка) или пак пејачот/чката за да може да влезат во дискотеката таа вечер. „Фаќање врски“ е опцијата или ќе си чекаш надвор, додека некој да се смилува да те пушти. А да, исклучок од ова правило кога можеби ќе поминеш и без врски е ако девојките наликуваат што е можно повеќе на старлети, а моците на мацги и ќекови притоа носејќи некоја си брендирана скапа облека или пак да го паркираат големиот автомобил тука некаде пред самиот влез (ако немаат свој, нека се снајдат од некаде). Токму летово кога ни дојдоа гости од странство и сакавме да ги прошетаме низ ноќниот живот низ Скопје, ми се потврди она што се случувало многу пати низ годиниве. Ние со резервирана маса однапред, а секој се бутка, не се знае што е тоа ред и еден батка од влезот довикува: „Пушти ги оние двајца, па овие три девојчиња“… А странциве се чудат и не сакам ни да помислам што им се врти во глава додека се наоѓаат како во среде стадо со овци. Неколку дена подоцна се обидов да се присетам дали некаде каде што сум бил по градовиве низ Европа, Азија и Африка мене како странец ми се случило нешто слично. И се присетив дека никаде не ми се случил таков „стадо момент и батка пристап“! Најблиско до тоа беше едно чекање во ред пред дискотека во Будимпешта кое траеше околу 15 минути. Меѓутоа и тогаш редот беше регуларен, со два-тројца што паралелно се движеа, без туркање и секако сите влегоа здрави и живи… А зошто ова не може кај нас да се примени низ годиниве?
  2. Храброста за промени во позитивен правец е најголем грев во многу опкружувања во Македонија (особено професионални). Многу пати сум имал можност индиректно, а и лично да посведочам на тоа како кај нас се практикува на дело мобингот во онаа негова прва фаза во зародиш, кога пред многу години се појавува како нов институт во Шведска. Тоа е формата кога неколкумина просечно слаби или послаби кои си имаат свои калкулации, пресметки и пазарења, се спротиставуваат на еден похрабар член (мнозинството наспроти малцинството). На тој начин похрабриот е директно или индиректно исфрлен, веќе не може да прави промени од внатре и таму караванот продолжува да си врви по старо. До кога? Веројанто додека сите во тој систем не се пензионираат, под услов сите нови што ќе дојдат во иднина да не си го загадат воздухот додека се таму… И кога ние од системот да очекуваме промени? Дали кога и тие храбрите ќе се свратат кон својот приватен живот и семејството и ќе речат дека тоа е поважно, а од промените во системот едноставно „ќе кренат раце“, или пак кога ќе одлучат да се иселат од државата за таму надвор некој 100 пати повеќе да им ја цени храброста и квалитетите додека дома им боделе очи?
  3. Во многу алки во општествениот систем се гледаат и бројат активностите, се бројат парите и кадарот, се цени сигурноста „по секоја цена“ без да се види поголемата слика, но не се обрнува доволно внимание на визијата и стратегијата (на пример задолжувања за пари да има сега без да се мисли на инвестиции и извоз за да има долгорочна придобивка), на пораката што се упатува кон општеството, кон сегашните генерации, а особено кон не се мисли на пораката на младите, на одржливото влијание… Тоа се гледа и од мерките во времето на кризава кои јасно пратија порака до младите дека само државната администрација е сигурен избор, а другиот е и иселувањето во странство… И да, во оваа насока се и бројните правни правила што им даваат исклучително многу привилегии на оние што се во државна администрација, а особено на оние што се носители на јавни функции. Тие самите се ги донеле тие привилегии и на тој начин ја поттикнуваат партократијата и им праќаат посилна порака на сите зашто таму е најдобро (плус парички од управни одбори, плус платени превози, бесплатни паркинзи, коктели и што ли уште не)? И сето тоа ако си член на партија, нели, инаку потешко.
  4. Како надоврзување на претходната точка 3, „претприемништвото“ на многу јавни личности и носители на функции им е во секоја втора реченица, а ниту го практикуваат, ниту пак го поддржуваат во неговата вистинска форма и смисла. Од кого тогаш да се угледаат младите прептриемачи? Дали од оние што правеле милиони на коруптивни начини низ транзицијата, на оние другите што и на толку работен стаж се фаќаат за апанажа без да се обидат храбро да влезат во светот на консултантството или пак од оние малкумина што едвај добиле некоја скромна инвестиција од неколку десетици илјади евра со кои е тешко да ги покријат и основните почетни трошоци, а не пак веднаш да бидат конкурентни на светскиот пазар. Првите и вторите се веќе видиливи и познати за македонската јавност, па затоа е и широко распространетата претпоставка дека џипот не е стекнат на чесниот начин на кој што на пример би го стекнале оние од третата катетегорија. Впрочем, никој не би имал проблем со големи автомобили на Горан Пандев, Кире Лазаров и некои слични што со чесен труд ги заработиле и кои баш поради тоа и не би испратиле порака на „беснеење по Скопје со големи автомобили“, туку напротив пораката од оние што чесно ги заработиле парите (па макар и за џипови) е сосема друга – дека секој може да го има она што го посакува ако навистина макотрпно се труди и професионално напредува. Но, кој да ја слушне таа порака? А токму таа би можела да биде и воспоставување на нова сообраќајна култура, како во Даблин на пример, кога и на црвено светло од семафорот пешаците имаат предност! Да да, па откако ќе се вклучи зелено светло за автомобилите, тогаш првиот автомобил што е во редот ќе свирне и тоа е знак дека и пешаците треба да се тргнат од пешачкиот. И на многу места во светот пешаците се најзаштитени бидејќи како што одамна ми рече инструкторот на првиот час за возачка дозвола: „Запомни дека возењето автомобил спаѓа во опасни дејанија и затоа треба да имаш максимална концентрација во секој еден момент“. А едно од прашањата на тестот беше токму тоа: „Што ќе направиш ако ти излезе пешак на среде пат кој можеби и не е на пешачки премин?“
  5. Оттука и петата ситуација – воспитувањето од родители на деца или од повозрасни на помлади, па јавно би прашал: Кои пораки ги слушаат и гледаат родителите и што е тоа што им го пренесуваат на своите деца? Јас сум негативно изненаден како денешните тинејџери на родендени ги споредуваат подароците само по нивната цена (која некогаш е повисока и од една прослава за нова година), а не по нивната вредност и колку тој подарок би го израдувал детето на кое му се подарува. Негативно сум изненаден како многу родители ги мешаат поимите „сакање“ и „посесивност“, па децата / тинејџерите / адолесцентите ги учат на што поголема зависност и на овозможување многу работи на тацна, на готово, наместо да им всадуваат независност и самостојност, желба за чесна борба и секојдневна надградба. Од каде тој порив? Дали можеби тргнуваат од ставот дека децата треба да имаат сè што тие немале или пак не можеле да си го исполнат некогаш, а воедно забораваат на многу поучната поговорка „На детето не треба да му го давате она што вие сте го немале, туку да го научите порано она што вас не ве научиле или пак сте го научиле многу подоцна“. Се изненадувам и за тоа како речиси секој јавно зборува за вредности, па ги дели на вистински и погрешни, а ретко кој од нив поминал сесии за личен развој за навистина да пронајде кои се вредностите за него самиот, па кои се оние на неговото дете, кои му се преференциите на размислување (кои не се гени!), што се неговите желби и потреби…

Така што не е до џипот! Беснеењето со џипот е само последица, но причините се сосема други и подлабоки. Овие 5 погоре, се само дел од нив! Време е да спречуваме, наместо да лекуваме! Бидејќи некогаш е толку тешко раните да се излечат…

Мирослав Драганов

                                                                                     Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions