Колумна на Мирослав Драганов: Иновациски пресврт
Често велам дека Македонците, а и воопшто Балканците, се едни од најиновативните народи во светот, само за жал (не)намерно речиси секогаш го промашуваат правецот!
Како и по кој знае кој пат, оваа теза се потврди и деновиве. И најмало дете лесно забележува дека врие од иновации и иновативни пристапи во политиката, во распределбата на јавните пари (реалокација на ресурсите), а позадината, резултатот и исходот, сите тие заедно го поплочуваат патот на корупцијата. Тоа е тој погрешен правец на нашата иновативност. Кога ќе го погледнеме последното интервју на Претседателката на Антикорупциската комисија, ни станува уште појасно колку „иновативност“ владеела низ годиниве во македонското општество.
Но, каде ли грешиме? Каде и како да ја насочиме вистинската иновативност во правец корисен за нас самите, а воедно и за целото општество?
За да го одговориме ова прашање треба најпрвин да ја разбереме и обликуваме големата слика, а таа вели дека нам ни е нужно потребен повисок економски стандард. Повисокиот економски стандард како општество ќе придонесе кон поквалитетен живот на сите. За да дојдеме до повисок економски стандард, во ова доба повеќе од потребно е да имаме што повеќе иновации, да создаваме додадена економска вредност и да се стремиме повеќе да извезуваме отколку да увезуваме. Но, не само да извезуваме квалитетна (и многумина велат евтина) работна сила, која дел е отселена, а дел работи и онлајн од Македонија (за странци), туку нам ни се потребни иновативни и многубројни домашни производи и услуги кои може да ги извезуваме во странство, а за нивното развивање да работат македонски, па зошто да не и странски професионалци. И кога зборуваме за извоз (особено на иновативни услуги) надвор од државата, прво што е повеќе од потребно да направиме е да размислуваме подалеку од тоа да бидеме „регонални лидери“, „да извезуваме во регионот“ и да бидеме „заробени“ во рамката на Западен Балкан. Со таквата просечна амбициозност нема многу да смениме и да успееме иновативноста да ја насочиме во вистинскиот правец бидејќи на тој начин е неодржлива на среден и подолг рок.
Размислувањето и делувањето светски и европски, наспроти регионално и локално, е избор на амбициозните млади кои (треба да) се носители на иновацискиот пресврт. Се сеќавам дека кога пред една година во Глобал Шејперс Скопје Хаб ги изработивме Визиите за Скопје до 2070 година, а веднаш потоа и Визиите за Македонија до 2070 година, нашата визија сумирана од сите 176 визии распоредени во 16 категории, беше и е да бидеме во најдобрите 5% во светот. Тоа би значело дека нашата визија како амбициозни млади е се стремиме да бидеме меѓу топ десет земји во сите релевантни категории. Ова е нашиот прв чекор во превецот кон кој цврсто чекориме и веруваме во капацитетот на многу млади со кои тоа ќе може да го оствариме.
Но, за да можат младите да бидат носители на тој иновациски пресврт, нужно е да имаат предвид што повеќе перспективи и да бидат отворени за секојднено растење. За таа цел имам да споделам три главни препораки до сите нив:
Прва препорака: Уште пред да започнете нешто размислувајте глобално, светски, а во најмала рака европски. И истражувајте, читајте, тестирајте, погледнете што тоа направиле и прават вашите врсници во Европа и светот. А додека тоа го правите не ги преувеличувајте нив, ниту пак некого од друга страна да потценувате. Од секого може да научите и од секого може да биде поиновативни ако се потрудите малку повеќе. И во тој ваш правец не дозволувајте некој да ве поколеба. Се сеќавам кога пред една година почнав да го употребувам терминот „сериски претприемач“, многумина се смееја дека ги потсетувало на „сериски убиец“, а други пак се потсмеваа дека тоа е „сериски почнувач“ (божем негативно). Во ниту еден момент таквите изјави не може да ме поколебаат бидејќи одамна знаев дека уште одамна, а особено од 2015 година сериските претприемачи сè повеќе се ценат на ниво на ЕУ. Оттогаш едно истражување покажува дека над 70% од сериските претпремачи во Австрија биле успешни токму затоа што веднаш почнале да делуваат светски, надвор од границите на нивната држава која има околу 9 милиони жители, а многу често и надвор од европскиот континент. Во САД пак, сериските претприемачи се уште поценети бидејќи нивните инвеститори веруваат дека некој што водел неколку бизниси веќе има стекнато искуство, направил доволно грешки и сега е постручен и посигурен во она што сака да го постигне, па затоа тие имаат предност во добивање инвестиции.
Втора препорака: Времето т.е. брзината и луѓето со кои работите и соработувате (вмрежувањето) се основен предуслов за да бидете конкурентни на глобално ниво. За таа цел преземајте ги чекорите побрзо (па макар и згрешиле) и барајте поголеми финансии што поскоро. Ако тоа не го направите доволно брзо и не барате поголеми финансии што побрзо, два негативни ефекти ќе ве стигнат: а) конкурентите на светско ниво веќе ќе ги освојат пазарите кои биле ваша голема шанса, б) а во меѓувреме и најголемите македонски професионалци се вработиле во некоја странска компанија за поголема плата на тој начин помагајќи ја економската додадена вредност на таа држава, а само споредно или воопшто не на нашата економија. Затоа не се задоволувајте со малку. Ако вистински верувате во она што сте го започнале, тогаш секоја инвестиција за вас е мала. Целете на што поголеми, светот ни е на дофат!
Трета препорака: Не го потхранувајте системот кој сакате да го промените со вашите иновации. Но, за тоа да го постигнете треба да се бунтувате на секој вид корупција и несоодветни избори кои ќе ги забележите, а уште помалку вие самите да прифаќате да бидете учесник во процесот на таков начин на „иновирање“. Во светот на иновациите не треба да е важно дали имате луѓе во институциите, дали сте членови или симпатизери на некоја политичка партија, од какво семејство потекнувате, што постигнале вашите родители… А ектремно важно е да се запрашате од што сте спремни да се откажете и откажувате секојдневно, колку пати да станете откако ќе паднете, а и што сте спремни да вложите лично за да го постигнете она во што верувате, а притоа да останете автентични. Овој тест е најтежок за многу млади и треба што почесто да го практикуваат.
Работејќи долго со млади од претходно, а и во последниве години, јас верувам дека ние, овие генерации на млади, можеме да покажеме дека иновативноста е подобра и за нас самите, а и за целото македонско оштество ако ја практикуваме во вистински правец. Затоа би сакал сите млади да изберат ментори што веруваат во ова и го практикуваат во својот професионален и приватен живот, а не само некои што декларативно го изјавуваат. Само така можеме да бидеме серизони носители на иновацискиот пресврт кој е неопходен за доброто на нас, а и за нашите идни генерации.
Мирослав Драганов
Директор за продажба и маркетинг
WIDNET Solutions