Бугарски историчар: Помирувањето со минатото е неизбежно – денес постои литературен македонски јазик, сличен на бугарскиот

Бугарскиот историчар Димитар Атанасов за „Дојче Веле“ на бугарски јазик вели дека „Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Помирувањето со минатото е неизбежно“.

Атанасов смета дека „популизмот сè уште доминира, а нема волја за негово демонтирање“.

За односот на Бугарија кон Северна Македонија, Атанасов вели:

„Темата за односот на Бугарија кон југозападните соседи се наоѓа во најболното подрачје на нашата колективна меморија. Помирувањето со минатото е неизбежно. Тоа минува низ горчливото сознание дека скаменувањето на неговите слики е капитал што политичарите вешто го насочуваат кон приватниот интерес. Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Ако пред еден век бугарската книжевна норма ги вклучуваше говорите користени до Корча во Албанија и јужно Косово, денес во Академијата на науките постои литературен македонски јазик, создаден, слично на бугарскиот. Литературниот јазик не е земен од теренот, туку е конструиран на научен начин, а тоа се однесува на кој било литературен јазик“ – посочува Атанасов.

Тој е дециден и дека треба да има промени во составот и пристапот на работа на Заедничката историска комисија.

„Несомнено е потребна промена во Заедничката историска комисија – и во нејзиниот концепт и во нејзиниот состав. Слободата на изразување бара од нас да признаеме дека историскиот наратив како таков не е предмет на регулација. Можеме да се согласиме во најопшти контури само за оној во учебниците. Подготвени сме да реформираме барем дел од застареноста во бугарските учебници. И со експерти кои свесно се вклучени во таков цивилизациски избор: историјата се развива заедно со општеството и нејзиното сфаќање како „света крава“ предизвикува блокади“ рече бугарскиот историчар.