Колумна на Марјан Ѓорчев: Во пресрет на 4. февруари

Гоце Делчев. Човек. Мисла. Дело. Природен и човечки феномен. Вечна загатка на нашето постоење – како смрта може да го осмисли животот. Непрекинат синџир на емоции и копнеж по слободата низ вековите, коешто го измеруваат и осмислуваат Македонскиот простор. Истовремено, благородно поимање на совеста, спокојно чекорење кон општата вистина, која што е секогаш вистина во даден простор и време а истовремено вистина соопштена со вонвременски јазик – нашиот судбински лозунг „Македонија на Македонците”.

Гоце Делчев е без сомнение најсветлиот лик, апостол и знаме на македонското револуционерно дело. За да може најјасно да се претстави неговиот неизмерлив придонес за вградување на слободарските идеи кај Македонското население од историско географскиот регион Македонија, нужно е да се разгледаат трите димензии на неговиот лик и дело – човечката, револуционерната и мисловната димензија.

ЧОВЕЧКАТА,РЕВОЛУЦИОНЕРНА И МИСЛОВНА ДИМЕНЗИЈА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Најпрво за човечката димензија. Покрај стекнатото солидно образование и познавање од воено дело, тој се одликувал и со огромна желба за свое само-образование, читајќи литературни дела со филозофска, историска и револуционерна содржина. Делчев особено се интересирал за граѓанските револуции на европскиот и американскиот континент. Тој систематски ги проучувал и првите обиди за Македонски востанија во Разловечко и Кресненско, меѓудругото и низ директни средби со нивниот водач, Димитар Поп Георгиев-Беровски.

Како оформена личност со силен карактер и високи морални квалитети, тој бил праведен и одговорен во извршување на револуционерните задачи формирајќи го четничкиот институт на ТМОРО и организирајќи ги востаничките чети и селската милиција низ целата територија на Османлиската провинција Македонија. Овие недвојбено позитивни човечки карактеристики, впрочем се одлика и на многу други европски револуционери, набележани во хрониките на човештвото, во опишување на борбата помеѓу доброто и злото. Меѓутоа, онаа што го отелотворува Делчев во мит и легенда е светото тројство на умот, срцето и душата на Делчев, посветени кон една единствена цел-слободата на Македонија.

Умот, како највисок материјален стадиум на човечките индивидуи, му помага на Делчев да ја разбере потребата од вклучување на образованите, храбрите и одговорни луѓе, во служба на Македонската револуционерна организација. Тој ја прифатил таа задача како објективност во неговиот живот и прави огромна жртва, никогаш не ги искажувал своите субјективни идеолошки и национални ставови. Неговата задача во организацијата била пред се, одговорна работна задача!! Тој факт е суштествен, за да се разбере наговата улога во ослободителните борби за Македонија.

Срцето, како одраз на неговото благородно човекољубие, е истовремено емоција и загриженост за судбината на Македонското население. Делчев својата емоција не ја изразувал со вкрстување на погледи со луѓето од Организацијата, туку тој имал еден втренчен, заеднички поглед со народните маси, кон единствената насочена точка на Македонскиот хоризонт – желбата за слобода, државност и социјална правда за Македонското население.

Душата, како негово вонвременско и вонземско човечко суштествување, му овозможува тој бестелесно да се вгради како камен темелник во револуционерното ослободително дело. Св.Павле на почетокот на првиот милениум по Христа, преку неговите писма до атињаните и коринтјаните, библиски го кодифицира поимот Македонија и етнонимот Македонец. Делчев, на преодот од девeтнесетиот кон дваесетиот век, со својата човечка вредност удира европски печат и го сертифицира Македонското ослободително дело.

Создавајќи единствен тродимензионелен личен амалгам, Делчев е наша историска реалност, опеан во народните песни и приказни како единствена и неповторлива човечка појава, која што го просветлува, го препородува и го разбудува Македонското население од петвековниот Османлиски сон.

ИДЕАЛОТ ЗА ВНАТРЕШНО ВОСТАНИЕ НА МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ

Револуционерната димензија на Делчев е значајна по тоа што тој е прв во плејадата на македонски револуционери, кои што разбираат дека ослободувањето на Македонија е можно само со внатрешна и организирана вооружена борба на целото Македонско население. Неговата идеја, секој македонски камен, секое дрво, секоја куќа и двор да бидат заседа за душманите, а цела Македонија да пламти со бунтовнички револуционерен пламен, тој ја преточува во реална организациска мобилност на востаничките чети и селската милиција. Делчев бил убеден дека мешањето на младите буржоаски државни творби на соседите со Македонија, наместо прокламираната братска христијанска помош имаат за цел распокинување на Македонската територија и асимилација на Македонското население.

Мисловната активност на Гоце Делчев е клучна за изречените мисли, ставови, идеи, сите поврзани со револуционерната борба за разрешување на судбинското прашање – дали ќе ја биде Македонија или не!! Максимата „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар помеѓу народите” e светла европска порака испратена од мракот на Османлиската империја. Неговите писма до Ефтим Каранов и Никола Петров-Русински, како и разговорите со водачите на Врховниот македонски комитет-Китанчев, Николаев и Цончев, евидентирани во спомените на Ѓорче Петров, јасно укажуваат дека автономијата на Македонија, Делчев ја разбира како облик на најскромен државен суверенитет и независност.

Тој ја наречува својата замислена рожба – „Македонска државичка” и се надева дека преку сопствен образовен систем, верски институции, печат и комунален ред, ќе обезбеди Македонското население слободно да се самоопредели за своето национално потекло и за својата културна посебност!! За жал, Делчев не дочекал да се реализира неговиот сон, неговата мечта, неговата борба за политичка независност на Македонија. Меѓутоа, неговото име бил симболот и подстрекот што го обединил целото Македонско население да се избори да живее во сопствен државен ентитет рамноправно со другите држави на Балканот и во Европа.

БУГАРСКИТЕ ТЕЗИ ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Во времето на револуционерната дејност на Делчев, Р.Бугарија има статус на кнежество-политички ентитет создаден на Берлинскиот Конгрес во 1878 година. Територијата на кнежеството Бугарија се граничела на Запад и Југ со Османлиска Турција, во чиј што состав била провинцијата Македонија, поделена во три санџака-Солунски, Битолски и Скопски. За разлика од граничната омеѓеност на Бугарското кнежество, новосоздадениот облик на Бугарската православна црква во 1870 година, т.н.р. Бугарска Егзархија е дозволено да чинодејствува со ферман од турскиот султан Абдул Азиз, за заштита на христијанскиот „Булгар милет” и вон границите на кнежеството.

Иако во актот на формирањето на оваа црква не се наведува како духовно извориште Охридската Архиепископија, која што според Бугарскиот академик И.Снегаров е “образец за духовната самостојност на Македонија”, Бугарската Егзархија се претставува како единствена словенска црква во Османлиската провинција Македонија. Меѓутоа, наместо заштита и ширење на христијанската дејност кај Македонското население, Егзархијата применува етно-филетистички методи на асимилација и подведување на населението во Македонија под „бугарски национален код”. Поради тоа, Егзархијата е прогласена во 1872 година за шизматична црква којашто дејствува спротивно на каноните на православното христијанство (интересно е дека тоа е годината кога е роден Гоце Делчев) од страна на Светата Апостолска Црква и Васељенскиот поглавар во Цариград!!

Отука, севкупната дејност на Бугарската егзархија од 1872 година до 1953 година, кога е симната анатемата, е вон православните христијански канони. Тоа значи дека за времето кога Гоце Делчев живеел и дејствувал во Османлиската провинција Македонија (1872-1903), Егзархијата дејствувала како пропагандна машинерија на Бугарското кнежество и вршела недозволена асимилација на Македеонското население. Ослабената Османлиска империја со цел да се додвори на Руската и Австро-Унгарска монархија за да ги задржи европските простори – Македонија и Одринско, поточно султанот Абдул Хамид втори, го забранува името Македонија. Дури наредува и бришење на името Македонија и етнонимот Македонец од библиите, кои што американските протестантски мисионери ги делеле низ неговата империја.

Во услови кога името Македонија и етнонимот Македонец биле забранети а Егзархијата нелегално формирала црковни општини, градела цркви и отварала училишта на Бугарски јазик, сосема логично е дека за време на школувањето на Делчев тој да биде запишан во основното училиште и прогимназијата во Кукуш, машката гимназија „Св.Кирил и Методиј” во Солун и јункерското више училиште во Софија, како Бугарин по род. Тој биографски аргумент, како и некои реченици извадени од контекство многубројните писма на Делчев до своите соборци, се единствените аргументи на Бугарската научна мисла за ликот и делото на Делчев, пред се преку научните трудови на Македонскиот научен институт, формиран во Софија во 1924 година.

МНИ е најсилното оружје на Бугарската пропаганда против самоопределувањето на населението од историско-географскиот регион Македонија, како Македонци по род. Во таа смисла и Гоце Делчев се изучува во Бугарската историографија како Бугарски револуционер. Р.Македонија имајќи ги во предвид космополитските пораки на Делчев и неговото значење во борбата против реакционерниот Османлиски режим за сите Балкански народи, секогаш ќе го поздравува чествувањето на Делчев од Бугарска страна. Доколку се избегнат етно-филетистичките флоскули,тоа е чин на одавање признание на еден голем херој од Балканот како наша заедничка Македонска, Балканска и Европска вредност.

ЗАКЛУЧОК

Сите бугарски исклучиво биографски тези се побиваат со делото и мислата на големиот Македонски револуционер. Делчев е роден во Османлиската провинција Македонија. Најголем дел од својот живот Делчев го минува во својата татковина, освен времето проведено во јункерското училиште и улогата како задграничен претставник (амбасадор) на ТМОРО во кнежеството Бугарија. Тој е креаторот и симболот на револуционерната борба за автономија на Македонија како најскромен облик на политички суверенитет во состав на Османлиската империја. Конечно, Делчев и гине во битка за слободата на својата Македонија. Неговиот завет до неговите соборци е да биде закопан во слободна Македонија. Тоа впрочем и го дозволува Народна Република Бугарија кога на 07 октомври 1946 година постапувајќи по барање на кукушката емиграција во Бугарската држава највисоките државни органи носат одлука моштите на Гоце Делчев да се префрлат од црквата Св.Недела во Софија во црквата Св.Спас во Скопје.

Со тоа животот, сонот, мечтата и гибелта на Делчев се осмислуваат како негов најголем дар за нашата денешна слобода и завет да ја чуваме и браниме нашата Македонија!!! Тоа секако треба да го сториме и на 04 февруари 2023 година, поклонувајќи се пред неговото големо дело и неговата жртва која не може да се степенува токму затоа што почнала и завршила со име и со чест. Вековит нека е роденденот на Гоце!! Горди на неговиот аманет да ги пречекаме со Македонска гостоприемливост сите оние коишто се државјани на други држави и сакаат да одадат почит на Гоце Делчев. Меѓутоа,треба да бидеме исклучително внимателни, државнички да се организираме и да не дозволиме никаквинационал-шовинистички обиди да се обезвредни неговото дело затоа што со тоа се обезвреднува Македонската држава и се навредуваат сите Македонски граѓани!!!