Дачиќ: Сите политички партии да покажат единство за Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека Србија е онолку силна колку што е единствена и оцени дека затоа е важно специјалната седница на парламентот за Косово да се одвива во духот на национално единство и поддршка на политиката предводена од претседателот и владата на Србија, како и да се воспостави широка платформа за одбрана на националните и државните интереси, притоа водејќи сметка за иднината на земјата.

„Многу е важно да се обидеме да создадеме државно и политичко единство на овој витален национален и државен интерес. Би било многу важно сите политички партии да покажат единство за прашањето за Косово, наспроти теснопартиските интереси кои можат опасно да им наштетат на нашите национални интереси“, изјави Дачиќ за „Танјуг“ во Вашингтон.

Тој рече дека разговорите што ги водел во Вашингтон пред денешниот молитвен појадок биле успешни за Србија, дека од Стејт департментот стигнала уште една потврда дека постапките на претседателот Александар Вучиќ се исправни и дека „ги штитиме националните и државните интереси за да не ја загрозиме нашата сопствена иднина“.