Корубин: Кога реперот е ВМРО

Колумна на Никица Корубин

Колку пати, изминативе години, сме ја слушнале реченицата, изговорена од власта „па, подобри сме од ВМРО“? Во партиската матрица, која ја апстрахира реалноста во секоја смисла или во најдобар случај целосно ја прилагодува на релацијата ВМРО-СДСМ; тоа е главниот spiritus movens, главната движечка сила на функционирањето. Споредбата секогаш и без исклучок се прави со ВМРО, како партија, како концепт, како техника на владеење. Во таа игра на добро и зло, митското зло е ВМРО. Дуализмот на добро и зло, постои за доброто да биде добро, злото е само употребна категорија. Злото е факт сам по себе, злото е непроменлива константа. Тука, во таа релација, злото (ВМРО) постои, само за да видиме колку доброто (СДСМ) е добро. Злото е само репер. Но, зошто ВМРО воопшто би било репер?

Периодот кога ВМРО како партија, со нашиот добро познат партократски жаргон, е власт во Македонија, т.н. „време на ВМРО“ 2006-2016 е период на длабока, широка, сеопфатна критика и анализа за начинот на кој ја извршува, суспендира и злоупотребува власта, односно механизмите, постулатите на правниот систем и самата суштина на уставната поставеност. Предмет е на оправдана критика, по многу основи и за многу превзмени акции и дејства. Од позиција на опозиција, предмет е на жестока критика и од самата СДСМ, низ разни форми. Предмет на критика е и на јавноста, поради начинот на кој се разбира политиката и практикува власта, начинот на кој системот станува анти-систем. И тоа е би рекле, прилично јасна, оправдана причина за тема која не’ засега сите; лошото да се критикува за да биде подобро, да се сменат лошите пракси. Но, што станува кога опозицијата доаѓа на местото на позиција, самата да одлучува, самата да управува, самата да ја води државата? Што станува тогаш со правниот поредок, со системот, со поделбата на властите? Што се случува со „примената во пракса“ на сите упатени критики, што се случува со преиспитувањето на сите злоупотреби и узурпации; па, на крајот што се случува и со сето очекување и дадена, односно делегирана доверба?

Во спортот, каде што смислата на „натпреварот“ најјасно е видлива, секој спортист си поставува некоја цел. Целата негова спортска кариера е насочена кон таа цел. Неговото функционирање и формирање е како да се дојде до целта. Самиот процес на градење на една спортска личност е „агонот“ во античко време. Во наше време, успехот, односно целта е крајната точка. При патот до таа цел, спортистот секогаш има репер, точка на споредба. Тој репер е нешто добро, најдобро, подобро од него. Тежнее да биде добар како „најдобрите“ во неговиот спорт. Никогаш не тежнее да биде како послабите од себе. Никогаш не се споредува со полошите, а не па да ги земе за репер, по кој ќе го мери сопствениот успех. Ако, оваа аналогија ја пресликаме на релацијата СДСМ-ВМРО и споредбата „подобри сме од ВМРО“ доаѓаме до главниот аспурд, што го блокира целото делување на СДСМ и ги обесмислува сите нивни добри намери. Со спортски жаргон: зошто за СДСМ воопшто ВМРО би било репер, за да го мери сопствениот успех, кога нели е одамна апсловирана работа дека ВМРО е репер за „лошо“ уште од времето на опозиционото делување на СДСМ? Зошто за било кого „лошото“ би било репер? Од лошото може да се биде полош, а ако веќе се биде подобар, тоа не значи дека е добро, туку само помалку лошо. Зошто тогаш репер, од кој никако не може да се биде поинаков? Дали всушност „лошото“ треба за да се сокрие сопствената неспособност да се биде сосема различен, односно „добар“ во вистинска смисла, а не „добар“ само како репер на нешто лошо.

Таа алиби ситуација, што се гради веќе петта година, ситуација на оправдување и криење позади еден параван со име „зло“ во кое лесно и неприметно може да се стават и изгубат сите грешки, недоследности, ситни и крупни злоупотреби, површност, дилетантизам и отсуство на желба за радикална и драстична промена; е ситуација која во јавноста само го акумулира гневот и очајот од сознанието на изневерена доверба дека „овој пат ќе биде многу поразлично“. Таа апатија, пред се’ е производ на сознанието дека суштинска промена, посакувале само граѓаните, но не и партиите, односно партијата; која сметаше и смета, дека „шминката“ и „перцепцијата“ во комбинација со површниот пристап секаде, а длабински никаде; ќе биде доволна утеха за сите граѓани кои очекуваа разлика, а не градација. Токму затоа секоја споредба на власта со ВМРО сега, е всушност признание за вистинската намера и способност. Таа намера, која за репер, не ја зела ЕУ на пример или било која земја подобра од нас, во смисла на функционалност, никогаш и не била разлика, туку обична власт. А, ние „неблагодарните“ кои „брзо забораваме“ ние граѓаните, ќе бидеме во константен страв од „злото кое може да се врати“ затоа што не е битен нормален живот, туку само преживување. Како поинаку да се разбере таа „закана”, како да се разбере, тој затегнат однос на релација власт-граѓани, како да се разбере таа константна напаѓачка позиција на предизвикување на грижа на совест и вина, за евентуалното и наводно враќање на „злото“.

Но, како граѓаните да се справат со „злото“? Со кои надлежности, со кои ингеренции, со која моќ? Кој е тој што ги има тие надлежности, тие ингеренции, таа моќ? Да не е власта случајно? И како граѓаните се виновни за непостапувањата на власта? Како се тие виновни, што „злото“ станало репер, а репер не станала ЕУ на пример? Или извештаите на Прибе, како готова алатка и „прирачник за добро владеење“? Каде е точно вината: во изгубената доверба, во нетрпението, во свеста, во одбивањето да се прифати дискурсот „лоши сме, ама подобри од најлошите“? Тоа ли е проблемот со константниот судир со независните и неопределните, со нивниот конформизам и разочараност. И кој го негува реперот и со која цел? ВМРО може да биде „лошо“ само со механизмите на системот. ВМРО може да биде „лошо“ само со различно, а не подобро постапување од него. Ако ВМРО беше обвинето за узурпација на државата, тогаш што е подоброто, помала узурпација? Се до тогаш, ВМРО е легитимна партија, како и секоја друга, бидејќи во добро спроведен изборен процес, легитимитетот го имаат или сите или никој. За се’ останато одговорноста е на оние кои ја имаат законската надлежност, добиениот мандат, и доброто и доследно спроведување на законите. Само така ќе имаме „вистински репер“ дали се постапува законски, дали институциите се професионални и функционални, дали системот е за сите. И тогаш ќе видиме дека реперот ВМРО никогаш и не требал да постои, затоа што одамна бил апсолвиран како лоша пракса во точно одреден временски период. Каде е и која е добрата пракса, е прашањето кое сите го поставуваат.