Ковачевски: Само ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието, не целата опозиција!

„ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието, а не целата опозиција, а тоа го прави од политички причини заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции“. Ова денеска го изјави македонскиот премиер – Димитар Ковачевски кој порача дека пратениците треба да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат пред граѓаните зашто во Собранието, посебно сега, треба да се донесат многу важни закони.

„Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и на овозможување подобри услови на компаниите во ова кризно време“ – рече Ковачевски.

Тој напомена дека веќе го кажал својот став околу блокадата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Веќе дадов неколку изјави во однос на тој пристап. Сметам дека е апсолутен погрешен во време на вакви кризни услови. Ги гледате изјавите на сите лидери во Европа, меѓутоа и на сите лидери во соседството, дека се работи за исклучително кризен период. Не очекува исклучително тешка зима и Владата работи на обезбедување се што е потребно за ценовните шокови да бидат што помали и на обезбедување на енергенсите кои ќе овозможат непречено снабдување на домаќинствата, но и непречено снабдување на индустријата. Во подготовка е и ребалансот кој предвидува намалување на сите трошоци кои не мора да бидат направени со цел да има средства за најранливите категории граѓани и за поддршка на компаниите кои веќе почнаа да се реализираат преку Банката за развој“ рече премиерот.