Ковачевски: Поддршката на Развојна банка за дигитализација овозможува раст и развој на компаниите и економијата

Премиерот Димитар Ковачевски денеска со амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман Марти и со директорот на Развојна Банка, Кире Наумов ја промовираа новата кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација за компаниите. Премиерот во своето обраќање истакна дека целта на владата е земјата да оди напред, да има силен економски раст и развој, затоа и заложбата за креирање можности за пристап до средства за инвестирање во имплементација на дигитални стратегии и планови односно дигитална трансформација.

„Оваа кредитна линија е новина на пазарот, прилагодена според потребите на пазарот и ќе биде во функција на искористување на придобивките на компаниите од процесот на дигитализацијата. Развојната банка во овој процес е пионер на пазарот и без сомнение дека поттик за вклучување добиваат и комерцијалните банки, се со цел да се забрза и засили циклусот на импелментација на дигиталната трансформација на компаниите.

Наша цел е да го интензивираме процесот на дигитализација како современ пристап за деловен развој и спроведување на определбата за дигитализација преку меѓусебно поврзување на академската заедница, на бизнис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и делување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира“-рече премиерот Ковачевски.

Северна Македонија, поддршка за креирање на Стратегијата обезбеди и од Светска Банка, GIZ и ИМЕ програмата, а беше финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Вероник Улман Марти, амбасадорката на Швајцарија ја истакна важноста од дигитализацијата за економски раст.

„Врз основа на швајцарското искуство, активното учество на приватниот сектор во дефинирањето на политиките и мерките што влијаат врз нив, е предуслов за создавање средина што ќе овозможува процут на економијата. Затоа Швајцарија ја поддржува Националната Развојна банка на Северна Македонија да изврши анализа за потребите за финансирање на дигитализацијата, со тоа што ќе допре до компаниите низ земјата“, рече амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман.”

Кире Наумов, директор на Развојна Банка истакна дека следејќи ги одредбите од Стратегијата за СМАРТ специјализација на Владата на РСМ, како и препораките на Анализата направена преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Развојната банка на Северна Македонија , од почетокот на овој месец воведува нова кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација.

„Кредитната линија е креирана со цел поддршката на компаниите кои инвестираат во дигитализација и дигитална трансформација. Истата ќе се реализира преку квалификувани банки-учеснички, со поволна каматна стапка од 2,9% до крајните корисници. Компаниите ќе можат да користат максимум 300.000 ЕУР за набавка на основни средства до 8 години со вклучен грејс период до 12 месеци, и максимум 100.000 ЕУР за обртни средства до 5 години со вклучен грејс период до 6 месеци.

Развојната банка континуирано ги прилагодува своите производи во насока на поддршка на компаниите во новонастанатите услови на работење“, истакна директорот Наумов.