Ковачевски: Македонија заслужува европска иднина, нема откажување!

Под мотото „Нема откажување од иднината“ СДСМ и Коалицијата за европска иднина го означија стартот на кампањата за парламентарните избори.

Своето обраќање претседталот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски го започна со зборовите:

„Македонија заслужува европска иднина!
Нашата генерација заслужува европска иднина!
Но, најмногу од сите, нашите деца заслужуваат европска иднина!
И тоа, не за 15 или 20 години туку сега, во наредните 5 до 6 години.“

Претседателот на СДСМ Ковачевски додаде: – Тие заслужуваат, тие мора да растат и да останат во нивната родна земја која ќе биде членка на ЕУ со европски систем и стандарди, со висок животен стандард, со модерно образование, со развиено здравство и сочиста животна средина. Тие сакаат да живеат во прогресивна и солидарна држава со еднакво квалитетни услови за живот за сите.

Ова е нашата визија! Ова е нашата програма и обврска за граѓаните!“

„Нашиот главен фокус останува членството кон Европската Унија. Нашиот поглед е насочен кон ЕУ, бидејќи тоа е единствениот пат за подобра иднина на нашите семејства. Нема друга алтернатива за да изградиме држава каква што посакуваме. Нема друг начин да стигнеме до европски стандард, европско здравство и образование, европски квалитет на живот.“ – порача Ковачевски и истакна: „Јас знам дека патот до ЕУ е сè уште тежок. Свесен сум дека пред нас има уште многу пречки. Но, во исто време немам дилема дека ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро. “

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на настанот од Музејот на современа уметност порача: „Благодарение на сè што направи Владата на СДСМ во изминатите години, денес сме поблиску до европското семејство од кога било претходно и би било огромна грешка ако се откажеме или го закочиме процесот.
Но, јас знам дека тоа нема да се случи. Знам дека мнозинството граѓани се свесни за европските вредности и што тие ќе значат за нас како држава и општество.

Затоа, нема откажување од завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и исполнување на сонот Македонија дел од ЕУ до 2030 година!“