Коалициските партнери на Трифонов се оградија од неговите ставови

Партнерите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов во бугарската владејачка коалиција – Промената продолжува, Бугарската социјалистичка партија и Демократска Бугарија се оградија од неговиот став во кој стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.

Агенцијата БГНЕС јавува дека координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакна дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.

„Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП“ – изјави Ѓуров.

Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оцени дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.

„Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите“ – рече Атанасов.

И потпретседателот на бугарското Собрание – Кристијан Вигенин се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на Северна Македонија.

„Владиниот коалициски договор меѓу ПП, БСП, ИТН и ДБ има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија. Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес“ – оцени Вигенин.

Ваквите реакции на Трифонов уследија по неговата објава на Фејсбук во која наведе дека ако „Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, тогаш на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија“.

– Бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната, наведе Трифонов.