Киев е подготвен за одбрана – 149.000 руски војници се околу Украина

Олексеиј Резников – украинскиот министер за одбрана изјави дека бројот на руските војници распоредени во близина на границата со Украина достигнал 149.000.

„Ги набљудуваме единиците на руските трупи, кои бројат 129.000 лица. Заедно со поморските и воздушните компоненти, оваа бројка достигнува до 149.000 луѓе“ рече Резников во украинскиот Парламент.

Тој уверува дека Украина „нема намера да го нападне сепаратистичкиот исток или Крим“.

„Уште еднаш нагласувам, Украина ја зајакнува својата одбрана, но, немаме намера да тргнеме во офанзива против Донбас или Крим. Ќе дејствуваме политички и дипломатски, бидејќи нашите граѓани се таму и нема да ги загрозиме“ вели Резников.

Според него, вчера регистриран е „невообичаен“ број гранатирања на своите позиции во Донбас. Огнот бил насочен кон околу 30 населени места, повеќе од десет куќи се оштетени, а неколку лица повредени.

Резников информираше и дека Украина веќе добила над 2.000 тони оружје од странски партнери.

На социјални медиуми, жители на отцепениот украински регион Доњецк објавија видео снимки на кои се слушаат сирени за тревога.

Претходно, лидерот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Денис Пушилин најави евакуација на жителите од сепаратистичкиот регион кои ќе бидат пренесени во југоисточниот дел на Русија, по засиленото гранатирање.