Не сум слушнал дека некоја држава во Европа побарала од Европската комисија независни експерти да добијат мандат да испитаат кои судски случаи се монтирани. Тоа е рамно на политичко самоубиство.
Иако владата на Заев дојде на власт со мандат да ја врати правната држава (ако некогаш сме имале правна држава), сė што добивме од оваа власт беше само карикатура на правната држава. Примери има многу, од квазиреформи до невидени глупости, како, на пример, селективната амнестија во која беше вовлечено судството, за да заврши со нескриени политички процеси како оној против бизнисменот Орце Камчев, за кој сите знаат дека е лична пресметка со браќата Заеви.
Наспроти реториката на Шарената револуција, извршната власт не мошеше да оддолее да се откаже од отворени влијанија врз јавното обвинителство и судството. Главни карики за овие влијанија се раководните позиции во судството и Судскиот совет, кои наместо гаранти за цудската независност останаа инструменти за политички влијанија.
Деновиве нė затекна уште едно изненадување, или уште еден циркус на извршната власт во врска со судството, а тоа е договорот на премиерот во (продолжена) оставка Заев со партијата на Албанците, Алтернатива. Се пофалија дека се договориле за определени судски предмети кои се важни за Албанците (Монструм, Амир, Диво Насеље, Алфа и др.) а кои се политички монтирани („имале политичка импликација“) да се направи некаква ревизија. Прво најавија дека ќе се отвори некаква нова меѓународна истрага, па откако некој ги советувал дека е невозмоно за пресудени предмети да се води допрва истрага (се сеќаваме дека ова барање го имавме во минатото и дека и тогаш се растури како меур од сапуница заради сопствената нелогичност), денес излегоа со појаснување дека некаква група независни експерти ќе ги испитала спорните случаи за кои постоеле „сомневања за политичка импликација“.
Да бидеме искрени, дека имало политички монтирани случаи или случаи каде имало политички влијанија, знаеме дека имало. Ова беше многу актуелно прашање уште во времето кога Заев дојде на власт, со оглед на сите слабости на судскиот систем за време на Груевизмот. Впрочем, Заев го распушти телото за реформи во правосудството токму заради ова барање на кое тогаш наводно се противела Европската Унија.
Подоцна, ова прашање одново се актуелизираше по предлог законот на Павле Трајанов, по што беше одржана јавна стручна расправа, на која академската јавност и невладиниот сектор практично се спротивставија на овој предлог оценувајќи дека има многу слабости и дека ќе направи повеќе проблеми отколку што ќе донесе правда за сите. Најслаба страна беа нејасните критериуми и процедури за тоа кој предмети ќе се сметаат за полички монтирани.
Се работи за тоа дали правниот систем е функционален и има доволно алатки за да ги исправи судските неправди. По правило, судските грешки во нормални држави првенствено ги исправаат повисоките судови преку жалби како редовни правни лекови пред апелациските судови или прку т.н. вонредни правни лекови (главно пред Врховниот суд). Ако пресудите се конечни,а останат очигледни неправди, останува можноста за амнестија (од страна на Собранието) или на помилување (од страна на Претседателот). На меѓународен план најефективно средство за исправање на неправдите е Европскиот суд за човековите права, кој може да констатира дека постапките не биле правични (фер) и дека судот можеби бил пристрасен, дека биле повредени правата на обвинетите и сл.
Но никогаш овој суд во Стразбур нема да каже дека некој е погрешно осуден или дека казната е престрога и сл. Тоа се смета дека е работа на домашните судови. Дури ни овој суд притоа не може непосредно да укине домашна пресуда која е res judicata, туку државата може да одлучи да се обнови некоја судска постапка ако тоа е вистински начин да се исправи повредата на конвенцијата. Такви можности постојат во домашните закони за судските постапки. Никој друг (а најмалку извршната власт) не може да се меша во правосилните судски одлуки.
Ако е неспорно дека имало политички монтирани процеси, кои домашниот систем не може да ги испрви, придобивката од меѓународно непристрасно експертско тело би била во процесот на селекцијата на овие судски постапки. Ова инаку беше главна слабост на претходните домашни понудени решенија за преотворање на политичките судења. Ваков пример во Европа не (ми) е познат. Тој е прифатлив како крајно средство, но значи признание дека нема независно судство ниту елементарно владеење на правото,
Не сум слушнал дека некоја држава во Европа побарала од Европската комисија независни експерти да добијат мандат да испитаат кои судски случаи се монтирани. Тоа е рамно на политичко самоубиство. Единствено што некој нормален министер за правда може во овој случај да го направи е да си даде оставка, а некој совесен би можел и да се обеси.
Едно е сигурно, во држава во која што владее правото се смета за недозволено извршната власт вака директно де се меша во судските постапки. Еден од меѓународните стандарди за судска независност содржан и во Законот за судовите е дека ниедна друга власт не може да се меша во судките одлуки, освен повисоките судови. Друго е тоа што стручната и научната јавност или и поопшто медиумите и сл. може да ги анализираат и критикуваат овие одлуки, но не и извршната власт. Не дека е прв пат, се сеќаваме како Јавното обвинителство и Министерството за правда се нафрлија врз едно мислење на Врховниот суд што не им се допаѓаше (она за роковите за истрагите на СЈО).
На крајот, не и најмалку важно, контрадикторно е што во име на Европските аспирации власта демонстрира непочитување на основните принципи на правната држава кои се прв услов или критеријум за пристапување кој Европската унија. Тоа само покажува дека баш им е гајле за Европа, за власт се работи, за гола власт, со сите привилегии што таа ги носи во едно корумпирано општество.
Остануваат, се разбира, отворени и многу други прашања, на пример, што ќе биде со одговорноста на судиите и обвинителите од овие монтирани случаи.