Какви Албанци, Македонците посакуваат?

Колумна на Никица Корубин

Кога пред неколку години бев поканета да дадам свој осврт за еден аспект од прашањето на дефиниција на феминизмот и што е целта („Портретитање на жената во македонските медиуми: родовата еднаквост: клише, традиција или демократско право”? Никица Корубин, Бранко Тричковски, Љубомир Костовски, Фондација Фридрих Еберт, Скопје 2014); дали е тоа рамноправност на мажите и жените во секоја смисла; јас со извесна претпазливост реков дека сметам дека крајната цел на феминизмот не е еднаквост, туку превласт на жената.

Секако, ова е крајна генерализација и симплификација на сложен и динамичен процес, за кој се сметам за сосема скромен познавач, насочен повеќе кон историскиот контекст; но тоа ми беше првата асоцијација, деновиве, кога повторно имаме изблик на, се чини, само прикриената, антиалбанска реторика и наплив на албанофобија, наместо индивидуално просудување за нешто што се однесува на постапки на поединци.

Прашањето кое ми се наметнува е следното: дали Македонците изворно веруваат во „етничкиот соживот” со Албанците, или под превезот на соживот, всушност подразбираат суптилна, замаскирана превласт, во обландата на „граѓанско општество”?

Суштинската криза на концептот на граѓанското општество кај нас, освен онаа политичката во неразбирањето и суспендирањето на суштината и смислата на уставното уредување, што се прави на дневна основа; се огледа и во разбирањето и толкувањето на етничкиот момент, односно контекст во целиот тој концепт. Па, кога ќе кажеме „граѓанско општество” и дека во такво општество односно во државата и пред државата, сите граѓани се еднакви, во смисла на права и обврски; тоа не значи дека нивната етничка припадност е небитна сама по себе, туку дека етничката припадност не смее да произведува било какви привилегии само за еден етникум. Но, се чини дека всушност, преку „граѓанското” се има тенденции на бришење на „етничкото”. Зошто е тоа така? И зошто ние се’ уште како општество грижливо ги негуваме фобиите и антагонизмите, најчесто оние превземените, а особено ние Македонците својата посебност ја толкуваме и дефинираме само како антипод на нешто, а не како чиста изворност?

Спиридон Гопчевиќ во „Стара Србија и Македонија”, опишувајќи ја географската територија на Македонија во 19 век, преку приказ на борбата на бугарската и српската пропаганда во Македонија, нарацијата ја води преку посета на македонските села и градови, каде, парафразирано, има две прашања за населението, секој еден од двата главни лика, надевајќи се на посакуваниот одговор: „дали сте Бугари”?, „Не”?; „а, дали сте Срби”? „Не”. „Па, што сте тогаш”? „Христијани”. Тоа е трагедијата на задоцнетиот македонски идентитет, во голема мерка определен и со отсуство на држава како политичка форма, односно задоцнета самостојност. Тој идентитет кој себе си’ се гради како антипод (знае што не е), ама не како изворност (не знае што е); како рефлексија се јавува и до ден денес; знае дека ги „мрази” Албанците и Бугарите, и помалку Грците, ама не знае зошто. А, „македонството” го демонстрира и докажува токму над нив. Таа замка, таа никогаш не отворена предрасуда и внимателно негувана тенденциозност, денес се јавува како најголема опасност, за соочување со самите себе, нашите демони и нашите предрасуди. Наметнати, ама прифатени како наши и никогаш преиспитани.

Главното прашање, какви Албанци сакаат Македонците е прашање за целиот наш напор, да изградиме општество кое се чини дека не сакаме да го изградиме, не можеме да го изградиме или едноставно глумиме дека го градиме. Македонците, секогаш се трудат Албанците да ги претстават како само една од многуте етнички заедници, намерно намалувајќи го нивното реално влијание во градењето и опстанокот на современата држава. Тоа особено беше видливо, за време на собраниската дискусија за Законот за употребата на јазиците, каде реториката беше во стилот „не може да се грижиме само за Албанците, ние мора да се грижиме и за Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Египќаните, Хрватите, Власите”; со задолжително набројување на сите, а со можност да се додат уште неколку, за во „купот” да се изгубат Албанците и да станат, само “едни од многуте”. Се разбира дека во овој во основа прикриен националистички став, воопшто и нема грижа за другите, туку другите се совршен параван за наводна демонстрација на мултиетничноста, односно „граѓанското општество”. А, всушност тука лежи изворната фрустрација, на еднаквоста на Македонците и Албанците во современата македонска држава, и нејзиниот устав.

Зошто толку е тешко за етничките Македонци, да ги прифатат етничките Албанци, така како што тие се гледаат себе си’? Зошто се’ уште Албанците ги гледаме со очите на српскиот антагонизам, со очите на „српскиот свет”? Кој е автентичниот однос на Македонците со Албанците, сега, во минатото? Кој е историскиот контекст? Зошто страв од сограѓани, зошто страв од нивна претпоставена супериорност? Зошто тоа не го гледаме како предност, за државата на пример? Зошто судиме за нивниот национализам, а не ги преиспитуваме нашите ниски, примитивни предрасуди? Зошто бараме потврда за нашата автентичност, само како опозит, спротивност? Со што точно Албанците ни наштетија, кој тоа интерес не го одбранија? И зошто воопшто имаме потреба од модел на „добар Албанец”, на кој му наметнуваме кои критериуми (да го осуди сопствениот национализам, да ја пее химната, да биде квалификуван за јавна функција, итн.) треба да ги исполни за да ја заслужи почитта на Македонците? Дали имаме модел на „добар Македонец”, дали истите критериуми важат подеднакво за Македонците, на пример „квалификуваноста” за јавна функција, или тогаш не сме толку сензитивни за осуда; која во основа би требало да биде на принципиелна основа?

Зошто не го приметуваме сиот наметнат дискурс, целата конструирана историја, сета упорна пропаганда, која не ни дозволува да и ги одврземе рацете на нашата катарза? Нашата, изворно македонска? Па, тогаш можеби помалку ќе судиме, а повеќе ќе научиме. Сето она што се чини се’ уште не спречува да бидеме современа, ама наша држава. Наша, на сите без исклучок.

Колумна на Никица Корубин