И Перо Костадинов се повлекува од функцијата во СДСМ по изборниот пораз

По Фатмир Битиќи, и потпретседателот на СДСМ – Перо Костадинов поднесе оставка од функцијата во партијата.

„Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ“, информираше Костадинов на социјалните мрежи.

Како што вели, најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија.

„Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја.

Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас.

#СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходна на општеството. Како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, ја гарантира слободата на граѓаните и никогаш не поттикнува меѓуетнички судири, како столбови на нашиот опстој“ – напиша Костадинов.