Исламскиот совет на Британија и премиерот Џонсон го осудија нападот врз писателот Салман Ружди

Исламскиот совет на Велика Британија го осуди нападот врз писателот Салман Ружди, кој денеска беше избоден со нож во вратот во американската сојузна држава Њујорк

„Таквото насилство е погрешно. Напаѓачот мора да биде изведен пред лицето на правдата“, објавија од Советот преку Твитер.

Исламистичките организации и Иран со години му се закануваат со смрт на Ружди заради неговиот објавен роман „Сатански стихови“ што го сметаат еретички. За бруталниот напад се огласи и британскиот премиер Борис Џинсон.

„Згрозен сум од фактот што Сер Салман Ружди е прободен додека го користел правото што никогаш не смее да престанеме да го браниме. Моите мисли се со неговите најмили. Сите се надеваме дека ќе биде добро“, напиша Џонсон на Твитер.

Писателот Ружди моментално е во операциска сала, објавуваат агенциите повикувајќи се на изјава на неговиот агент. Се уште не се знае во каква состојба е, но е познато дека здобил повеќе убодни рани од кои една во десниот дел на вратот.

Книжевникот роден во Индија стана славен со романот Децата на полноќта од 1981 година кој само во Британија е продаден во милион примероци. Животот му го смени четвртата книга, Сатански стихови, од 1988 година. Нереалниот, постмодерен роман предизвика гнев на исламскиот свет кој го смета за ерес. Една година по објавувањето поранешниот ирански врховен лидер, ајатолахот Рухола Хомеини повика на егзекуција на Ружди и за тоа понуди награда од три милиони долари. Поради тоа писателот со децении беше под полициска заштита.

Неколку десетици луѓе се убиени поради таа книга, меѓу нив и нејзини преведувачи. Наградата за убиство на Ружди и понатаму важи, иако иранската власт се дистанцираше од фатвата на Хомеини. Писателот, меѓутоа, во последните години живееше релативно слободно. Ружди има британско и американско државјанство, голем заговорник е слободата на изразувањето и во повеќе наврати го бранеше своето дело. Кога во 2007 година британската кралица Елизабета Втора го прогласи за витез, во Ирак и Пакистан избија протести. Еден пакистански министер тогаш кажа дека таквиот потег „ги оправдува самоубиствените напади“.

Книжевните настани на кои учествува Ружди добиваат закани или се бојкотирани од муслиманите. Ружди, син на богат индиски муслимански претприемач, се школувал во Англија и дипломирал историја на Кембриџ. По студиите се вработил како пишувач на реклами во маркетиншката индустрија, пред да го објави првиот роман во 1975.

„Салман Ружди поради своите зборови беше мета со децении, но никогаш ниту трепна ниту се повлече“, се наведува во соопштението на американските писатели.