Неплатена кирија причина за масакрот во Цетиње

Две малолетни деца од кои едно на осум а друго на 11-годишна возраст се дел од жртвите во масакрот кој денеска се случи во црногорско Цетиње во кој загинаа 11 лица, а меѓу кои е и 34-годишниот напаѓач Вук Бориловиќ. Дежурната обвинителка Андријана Настиќ посочи дека напаѓачот бил убиен од негов сограѓанин.

Директорот на полициската управа Зоран Брѓанин изјави дека во трагедијата загинале и две деца на возраст од осум и 11 години. Брѓанин потврди дека, според засега познатите информации, 34-годишниот Вук Бориловиќ со ловечка пушка пукал во семејство, чии членови престојувале во становите од неговата куќа како потстанари.

„Во таа прилика, со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца, едното на возраст од осум, а другото 11 години, а ја повредил нивната мајка, која на повредите им подлегнала во медицинска установа. Потоа излегол и со истото огнено оружје пукал кон жителите на населбата, при што им ги одзел животите на уште седум лица, а ранил шест“, вели директорот на полициската управа, Зоран Брѓанин.

На повик на граѓаните на местото на настанот се испратени полициски службеници, а во таа прилика во размената на оган еден полициски службеник е тешко ранет. Како што изјави обвинителката Натиќ, во Клиничкиот центар во Црна Гора биле примени четири лица, а две во Цетиње. Во меѓувреме, Вјести објави дека од Клиничкиот центар на Црна Гора добиле информација дека уште две лица им подлегнале на повредите. Поради трагедијата што денеска се случи во Цетиње, Владата во Црна Гора прогласи тридневна жалост. Согласно владината одлука, денови на жалост се сабота, недела и понеделник, односно 13, 14 и 15 август 2022 година.

Телеграф пишува дека Бориловиќ ја притискал жената која била потстанар да ги исплати сметките што е можно поскоро, по што жената се пожалила кај нејзиниот сопруг, кој бил на пат. По овие настани, некаде околу 16 часот во куќата пристигнал пријател на семејството, по што настанала расправата, а Бориловиќ најпрвин посегнал по животот на семејниот пријател, а набрзо пукал и го убил и семејството кое живеело во куќата, за на крај да излезе на улица каде започнал да пука во случајни минувачи. Напаѓачот наводно ја спречувал брзата помош да им пријде на жртвите пред да биде убиен од страна на полициските сили. Според информациите, до скоро, Бориловиќ се лечел во психијатриска установа.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ изрази жалење за масакрот во Цетиње со порака дека ваква трагедија не се памети во Црна Гора. РТЦГ неофицијално дознава дека Абазовиќ, заедно со министри од Владата, ќе ги посети ранетите кои се хоспитализирани.

„Се случи трагедија каква што Црна Гора не памети. Ги повикувам сите граѓани на Црна Гора во мислите да бидат со семејствата на невините жртви, нивните роднини, пријатели и сите граѓани на престолнината Цетиње“, напиша Абазовиќ на Телеграм.